Промоции 6-1

24 октомври, 2013

Шутка рома рап го промовираат својот нов албум

Mакедонскиот бенд Шутка рома рап утре ќе го промовира својот нов албум насловен „Me sijum underground“ („Јас сум андерграунд“), кој веќе се искачи на високото осмо место на една од најпрестижните топ-листи за етно-музика World Music Charts Europe. Цедето е објавено под етикетата на унгарската издавачка куќа „Фоно“, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а се работи за второ издание на групата составена од рапери од населбата Шуто Оризари и ромски инструменталисти.  „Me sijum underground“ е снимен во живо во студиото на Мите Димовски со што се доловува автентичниот звук на овој бенд кој е препознатлив по енергичните настапи. Шутка рома рап веќе има еден албум зад себе, „Шутка моето родно место“ кој пак се најде на 15-тата позиција на топ-листата World Music Charts Europe која се формира според гласовите на радио диџеи од 24 европски земји.

 

По успешната летна концертна серија и настапите на гигантскиот фестивал „Сигет“ во Будимпешта, „Похода“ во Словачка, „Друга годба“ во Љубљана и во музичката програма на филмскиот фестивал „Мотовун“ во Хрватска, „Шутка рома рап“ го претставува „Me sijum underground“ во Скопје.

Промоцијата ќе се одржи утре (25-ти октомври, петок) во 13 часот во кафулето „Менада“ во Стара чаршија.

Во продолжение погледнете дел од нивните настапи на горенаведени фестивали, како и целиот концерт во рамките на фестивалот „Сигет“ во Будимпешта.

 



Врати се горе ↑