Видео

25 мај, 2019

Што велат Американците за Тамара и „Proud“?

„Евровизија“ полека станува сè попопуларна и во САД, а доказ за тоа е и американската верзија на фестивалот што веројатно ќе започне веќе во 2021 година, како и фактот дека голем број од евровизиските новинари се токму Американци. Европскиот фестивал изминативе години беше тема и на канали што снимаат реакции на луѓе од различни возрасти, а сега на ред дојде и годинашното 64. издание што се одржуваше минатата недела во Тел Авив.

Имено, на учесниците, меѓу кои и еден Македонец (Ненад), им беа покажани десетте највисоко пласирани песни и тие требаше да погодат на кое место завршиле. Додека го гледаа настапот на нашата Тамара, коментарите беа претежно позитивни, особено за нејзиниот моќен вокал, а една девојка рече дека ја потсетува на Дизниева песна, па како изгледаше сето тоа дознајте во продолжение.

 

Само за потсетување, Тамара првично го освои второто место од жирито и се пласира на 8. место во финалето, но само неколку дена подоцна, од ЕБУ соопштија дека дошло до грешка во гласањето на белоруското жири, па откако резултатите беа коригирани, „Proud“ дојде на првото место според националните жирија од сите земји, а во комбинација со гласовите од публиката, заврши на 7. место. Со овој успех, пејачката и тоа како ја надмина својата колешка Елена Ристеска, која до лани го држеше рекордот во нашата евровизиска историја, со освоеното 12. место во финалето.

Фактот дека половина час се наоѓаше на врвот на листата, Тамара и нашата земја им го привлекоа вниманието на целиот свет, па бројни светски медиуми почнаа повеќе да пишуваат за неодамна прекрстената Северна Македонија. Веднаш по пристигнувањето дома, пејачката гостуваше во 1ТВ, каде што сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, ја награди со 10.000 евра за започнување светска кариера. Таа откри и дека добила понуди од странски продуценти, дури и да запее на мјузикл во Лондон, па се надеваме дека светот допрва ќе слушне за Тамара Тодевска!



Врати се горе ↑