Настани mkc

7 декември, 2015

„Што се тресе во МКЦ?“ со оригинален концепт се случува на 25 декември

Отворен повик до сите играчи од градот!
На 25 декември почнувајќи од 21 часот, да ги понесат своите колкови и насмевки и да ги стават во оптек со што би се приклучиле на моќниот љубовен сервер при Денсинг сала, МКЦ. Oвој пат, под чадорот на „Што се тресе во Младински културен центар?“, настан овозможен од креативци и бендови кои го прочистуваат загадениот воздух.

Покрај основата цел, која бездруго стреми кон тоа пријатно да ве растресе, настанот нуди мало богатство од комплементарни искуства и потенцијална корист. Со партиципирање, си обезбедувате повеќечасовна бура на идеи поддржани од видео проекции, концептуална изложба на дела во склоп на основната сценографија (подготвена од ИВАНА ПИРКОВСКА), а тука се бендовите и музичкиот селектор ДРАГИ ИВАНОВ, кој специјално ќе долета од елитниот расадник на музика во смисла на едукација: Berklee college of music! Неговото интро, на чие обезбедување сме исклучитено горди, треба да функционира како звучен аперитив за настапот на АСТЕРОИД. Зборуваме за фотогеничен бенд  од момци и девојки базирани во скопските гимназии. Полни потенцијали, алудираат на свежина, на Албер Ками, на пролет/полет и секогаш и недвосмислено Со љубов.

На сцената ќе се појават и „ПЛУТОС ДАУТС“ (Pluto’s Doubts)! Бендот што оваа есен се впушти во радиобрановите, бендот кој ги заинтересира девојките да научат што значи „аршин“ (и со тоа секако придонесе кон збогатување на речникот помеѓу младата популација). „Плутос“ и нивниот прв настап ги смести на првото место на овогодинешната Оф програма на „ТАКСИРАТ“, односно „ЛУЗЕР ФЕСТ“ ги награди со снимање албум и промоција во текот на 2016 година. Одржувајќи го принципот на растечка атмосфера, наредни ќе преземат сензационалните „ФУЛИШ ГРИН“, кои ја освежија сценава на само-ним својствен начин и ги возбудија ушните тапанчиња по разни основи.

Градот е во љубов со нив и тоа е добро позната приказна, етаблирана со стил и проткајана со заводливост. Но, што по нив? Треската оди горе и горе, на микрофонот ќе стапат „ЧИСТА ОКОЛИНА“! За нив нема збор, оти се почеток на нашиот збор, за да го избегнеме парадоксот најавувајќи ги, затвори очи/затвори уши и за момент проектирај се во трескавична толпа носена од „Јас сум шеф“, „Ѕвонарот на дикцијата“, „Пуздер“, „Нешто блиску до реума“… А нив, на сцена ќе ги наследат искусните мелодиски волци, ги викаат ФАНК ШУИ“ (Funk Shui), така и се потпишуваат. Едночасовна интензивна музичка терапија, на момците кои со два албуми зад себе и концепт за одржлива треска пред себе, ако до сега не сте им дозволиле да ве поведат, ова е супер прилика и време последно.

Влез во претпродажба значи 150 ден., а на врата 200 ден, но омилениот сегмент од настанот нуди нешто убер скулирано. Како ви звучи да испратите CV, а влезот да биде бесплатен? Додека дружите со вашите омилени субјекти од различен тип, ние ги собираме вашите професионални референци и ги дистрибуираме до дата-базата на некои од најголемите компании од повеќе сектори АКА поддржувачите на овој настан. Оваа акција е започната, а секое портфолио може да се достави на емаил: stosetresevomkc@gmail.comзадолжително со назнака: [CV] Име Презиме.

Првите 50 ЦВ-а кои ќе бидат прифатени, ќе бидат известени преку емаил и со тоа ќе имаат можност бесплатно да присуствуваат на настанот „Што се тресе во МКЦ?“, на 25 декември.

Рокот за испраќање на ЦВ-ата е до пладне на 23 декември!



Врати се горе ↑