Интервју mdn

13 март, 2015

Што откри Мадона во најискреното интервју досега?

Мадона не дава радиски интервјуа многу често. Всушнот, во текот на својата тридецениска кариера, првото интервју за некој радиски водител го даде токму оваа недела. Не е ни чудо што 90-минутниот разговор со Хауард Стерн веднаш стана разговор за паметење. Пејачка отворено разговараше за својот штотуку објавен албум „Rebel Heart“, кој за само 1 ден е најпродаваното издание во Велика Британија, зборуваше за нејзиното детство, врската со Мајкл Џексон, го изнесе својот став за дрогата, како и бројни други работи за кои не зборувала многу во текот на својата долгогодишна кариера.

Водителот беше заинтересиран и за нејзиниот однос кон мајчинството и децата, со оглед на тоа што кралицата на поп музиката пораснала без својата мајка: „Се обидувам да бидам мајка каква што никогаш не сум имала. Се обидувам да бидам сè она што сум сакала да имам додека растев… Понекогаш правам грешки, некогаш не се одвива сè како што сум планирала. Некогаш ја прашувам сестра ми за совет, бидејќи таа порасна со баба ми и сега е добра мајка.

На едноставното прашање: „Дали си среќна?“, Мадона немаше едноставен одговор:

„Има денови кога сум среќна. Постојат многу различни нивоа на среќа. Среќа е голем збор… Кога ќе се исцрпиш и западнеш во магепсан круг на нешта коишто МОРАШ да ги направиш, понекогаш ќе се умориш, не се чувствуваш добро, но 20.000 луѓе чекаат на тебе во арената и шоуто мора да продолжи… Не би рекла дека сум несреќна, но понекогаш се чувствувам заробено. Кога ќе заминеш на турнеја и ќе ги продадеш сите влезници, мораш да се појавиш и на луѓето да им приредиш најдобро шоу.“

Пејачката ја коментираше и својата врска со кралот на поп музиката, Мајкл Џексон.

„Можев да се поврзам со него на многу нивоа, но тој исто така беше и многу срамежлива личност. Беше славен уште како мало дете и никогаш немал вистинско детство. Беше болно срамежлив. Ние всушност немавме врска во која јас би му се отворила, туку повеќе се шегувавме на сметка на лудиот свет во којшто живееме и работиме. Не разговаравме ни за детството. Мислам дека тој се чувствуваше како постојано да го злоупотребуваат и беше многу несигурен во врска со својот изглед. Му беше тешко дури и да те погледне во очи.“

Мадона и Мајкл Џексон на доделувањето на Оскарите во 1991 година

Таа призна и дека не сака да користи наркотици бидејќи не ѝ се допаѓа чувството кое го даваат и додаде дека ја раскинала врската со познатиот уметник Жан-Мишел Баскиа (Jean-Michel Basquiat) бидејќи тој не престанал да користи хероин: „Секогаш мислиме дека можеме да ги поправиме и промениме луѓето, но не можеме. Можеме само да се промениме себеси.“

За својот голем хит „Vogue“, откри дека го напишала за само неколку часа: „Видов некои луѓе како изведуваат некој танц. Ворен Бити ме замоли да напишам песна за филмот ’Дик Трејси’ и се потсетив на сите филмски ѕвезди. Ворен порасна во тој период и излегувал буквално со целиот Холивуд“, рече пејачката, признавајќи дека славниот актер бил и неверојатен љубовник.

 

Пригодата ја искористи и за најава на новиот видео запис за песната „Ghosttown“, која зборува за крајот на светот и ќе биде следен сингл од албумот „Rebel Heart“.

Таа е пост-апокалиптична љубовна песна“, објасни таа, додавајќи дека песната од новиот албум „Joan of Arc“ е инспирирана од легендарната Јованка Орлеанка, која отсекогаш била нејзина хероина.

„Мислам дека на син ми најмногу му се допаѓа ритамот на песната ’Holy Water’. Им се допаѓа музиката“, рекла Мадона мислејќи на своите деца. „Малку ги превртуваа очите, но брзо се навикнаа.“

 

Мадона се осврна и на настапите во живо, признавајќи дека станува нервозна ако во публиката седи некој што го познава. Се потсети и на легендарниот настап на „Супер боул“, коментирајќи дека телевизијата и телевизискиот пренос е навистина луда работа: „Имате осум минути да поставите сцена сред стадион, а НФЛ за тоа ангажира локални луѓе, така што имате локално население коешто ја прави вашата сцена и почнувате да се прашувате – а што ако се сруши? Немате никаква контрола над тоа.“

 

Секако дека неизбежно беше прашањето за неодамнешниот настап на доделувањето на британските музички награди, кога пејачката падна на сцена, но веднаш се исправи и го заврши настапот како вистински професионалец.

„Јас се убивам од вежбање. Никогаш не изведувам нешто во живо ако претходно не сум го извежбала. Имав прекрасна долга наметка, која Армани ја направи специјално за мене, и одев по долгата писта до сцената во арената О2“, објаснува таа, нагласувајќи дека целиот настап го извежбала илјада пати.

„Кога се обидов да ја одврзам наметката, не успеав бидејќи се заплеткала. Еден од организаторите во последен момент дојде да ми каже дека не можам да прошетам меѓу публиката, што значеше дека морав да одам малку подолго, па мојот стилист предложи да ја врземе наметката поцврсто, бидејќи се грижеше да не падне.“

Таа призна дека била шокирана кога падна на сцена: „Телото ми се тресеше од адреналин. Првото нешто што ми падна на памет е дека морам сето тоа да го направам повторно, но тогаш сфатив дека сè се пренесува во живо на телевизија… И тогаш само продолжив да танцувам како бесен матадор.“

 



Врати се горе ↑