За Вас kelly-clarkson

22 ноември, 2013

Што нè очекува за празниците годинава?

Иако сè уште е рано за новогодишните и божиќните празници, музичарите ширум светот неколку месеци порано започнуваат со подготовките за празничниот материјал. Минатата година со божиќен албум се појави легендарната двојка од „Брилијантин“, актерите Оливија Њутн Џон и Џон Траволта, а познатиот Р&Б музичар Си Ло Грин го претстави изданието насловено „Cee Lo’s Magic Moment“На големо задоволство, ни домашната сцена не изостана во претставувањето на празнични теми – Тони Зен заедно со прилепскиот состав Д Хаундс на одличен начин ни честитаа „Среќна Нова“, а слична честитка стигна и од битолскиот Б-Клан. Првата Македонка со VEVO канал, Рената ни го разубави периодот со баладата „This Christmas Night“, а Дани придонесе за „Празничната магија“, претставувајќи ја македонската празнична тема за Кока Кола.

Сите оние кои уживаат со класичните празнични теми и вокалот на канадскиот музичар Мајкл Бубле, ќе ги израдува веста што „Кралот на празниците“ и годинава ќе има своја емисија во која ќе отпее дел од најубавите божиќни песни, а како гости ќе се појават и неколку негови колеги како што минатата година беа Блејк Шелтон, Род Стјуард, Карли Ре Џепсен, а во првата емисија од 2011 година се појавија Кели Роланд, Гери Барлоу и други. За оваа година познато е само името на една негова гостинка, а тоа е американската Р&Б и соул пејачка Мери Џеј Блајџ, која и самата претстави свој празничен албум.

Оваа позната дива на 15-ти октомври го објави изданието насловено „A Mary Christmas“, на кое гостуваат имиња како што се Марк Ентони, Џенифер Лопез и Барбра Стрејсенд, а како продуцент се потпишува Дејвид Фостер, кој работел и на празничните изданија на Мајкл Бубле, Џош Гробан и Селин Дион. Во продолжение слушнете ја нејзината верзија на познатиот хит „Have Yourself a Merry Little Christmas“, чиј видео запис беше претставен на почетокот на овој месец.

 

Празниците ќе ги збогати ште една американска дива која годинава се врати на музичката сцена и неодамна го претстави дуетот со Бејбифејс „Hurt You“, најавувајќи го нивното заедничко издание „Love, Marriage, Divorce“ закажано за 25-ти овој месец. Станува збор за Тони Брекстон која повторно со колегата Бејбифејс пред неколку дена претстави своја верзија на „Have Yourself Merry Christmas“, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

На 29-ти октомври беше објавено и празничното издание „Wrapped in Red“, кое го претстави Кели Кларксон. Пејачката неодамна се омажи, а деновиве изјави дека го очекува своето прво дете. Покрај преработките на класичните теми, на овој албум се најдоа и пет оригинални песни меѓу кои насловната тема и првиот сингл насловен „Underneath the Tree“, кој има потенцијал да го засени познатиот хит „All I Want From Christmas“ на Мараја Кери, а како звучи тоа можете да го слушнете во продолжение.

 

Од американскиот пазар се селиме на другата страна на Атлантикот, односно во Велика Британија кадешто исто така вредно се работи на празнични материјали. Едно од божиќните изданија на овој пазар кон крајот на октомври годинава го претстави шкотската сензација Сузан Бојл, а на изданието насловено „Home For Christmas“, кое е и нејзин втор празничен албум по „The Gift“ од 2011 година, покрај дуетот со легендарниот Елвис Пресли, се најде и насловната тема, добро познатата „I’ll Be Home For Christmas“, која можете да ја слушнете во продолжение.

 

Победничката на британскиот X Factor во 2006 година, познатата пејачка Леона Луис уште во октомври претстави дел од првиот сингл „One More Sleep“, со кој го најави албумот „Christmas, With Love“, закажан за 29-ти овој месец. Како што најави пејачката, музиката на овој албум е инспирирана од Мотаун (познатата издавачка куќа од Детроит), а меѓу преработките на класичните празнични теми, ќе се најдат и 3 оригинални песни. Интересно е тоа што идејата Леона да сними празничен албум била на познатиот судија и творец на музичкиот натпревар X Factor, Сајмон Кауел. „One More Sleep“ можете да ја слушнете во продолжение.

 

Се надеваме дека Ви се допадна нашиот избор од овогодинешните празнични изданија кои беа претставени до сега, а се надеваме дека и нашите македонски музичари ќе нè израдуваат со новитети за најубавиот период од годината.

 

И.Ј.



Врати се горе ↑