Македонија 11224381_10152753374517382_8182983886093243394_n

28 мај, 2015

Штип се подготвува за „Макфест 2015“

Триесет композиции ќе бидат изведени на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, кој годинава ќе се одржи од 3 до 5 јуни на сцената на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Раководителот на прес-центарот на „Макфест“, Драган Ристов вели дека и годинава фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура и општина Штип.

„Влегуваме во финиш, бидејќи од почетокот на фестивалот нè делат уште седум дена. Во Скопје пробите течат одлично, а на крајот на неделата ќе започне конструкцијата на сцената. Се очекува да пристигне и ревискиот оркестар со што ќе започнат и пробите за фестивалските композиции во Штип, на сцената во Домот на културата“, рече Ристов.

Тој додава дека од правен аспект, завршени се сите подготовки околу склучување договори со учесниците и техничкиот персонал, веќе се утврдуваат локациите и распоредот за престојот на гостите, а над 50 новинари веќе побарале акредитации за следење на фестивалот.

„Општината ја дава сета логистика и вработените веќе имаат задолженија околу организацијата на фестивалот. Во контакт сме со дирекцијата на Сплитскиот фестивал и се надеваме дека ќе успееме да договориме настап на некое балканско музичко име кое имало учествувано на фестивалотм а се утврдува и листата на изведувачи кои биле победници или имале големи хитови од Макфест кои ревијално ќе настапат како дел од шоу програмата“, вели Ристов.

На фестивалот „Макфест“ на трети и четврти јуни ќе се одржат двете полуфинални вечери кога ќе настапат по 15 изведувачи. На 5 јуни ќе се одржи финалето на кое ќе настапат по девет изведувачи од првата и втората полуфинална вечер. Наградниот фонд за годинешното јубилејно 30. издание на фестивалот на забавни мелодии изнесува речиси 30 илјади евра.

Првата  награда на „Макфест“ носи 10.000 евра, втората 7.500 евра и третата награда е во износ од 5.000 евра. Награда ќе биде доделена и за најдобра вокална изведба во износ од 1.000 евра, потоа награда „Драган Ѓаконовски – Шпато“ во износ од 1.000 евра која ќе му се додели на најдобриот аранжер согласно одлука донесена од страна на стручна комисија. Ќе има и награда за најдобар дебитант во износ од 1.000 евра, за најдобар сценски настап исто така во износ од 1.000 евра, како и признание за најслушана композиција меѓу два фестивала.

Ристов истакна дека се преземаат и мерки да се  спречат сите „стапици“ во гласањето. Годинава ќе се гласа со СМС пораки, кои 30% ќе влијаат во изборот на финалистите и победникот, додека останатите 70% ќе им припаднат на членовите на жирито, кое ќе биде интернационално и составено од двајца претставници од Македонија и тројца од странство, а нивните имиња ќе се држат во строга тајност поради спречување на секакво влијание и притисок.

Првата полуфинална фестивалска вечер ќе ја отвори дебитантката Евгенија Чанчалова со песната „Миг до вечноста“, а кој сè ќе настапи на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип можете да се потсетите овде.



Врати се горе ↑