Видео

27 мај, 2018

Шпанска група ги разигра Германците со „Македонско девојче“

Одамна ни е познато дека македонската песна надалеку се слуша, а бројни музички уметници од сите страни на светот во својот репертоар додаваат барем по една од нашите најпознати мелодии. Едни од нив се и членовите на шпанската група „Барселона Џипси Балкан оркестра“, кои на својот нов албум го сместија евергринот „Македонско девојче“.

Иако лоцирана во Барселона, групата има мултиетнички состав, односно родум од Шпанија се само вокалистката Сандра Сангијао и кларинетистот Даниел Карбонел, додека останатите членови доаѓаат од Италија (Матија Скироза, хармоника), Франција (Жилјен Шанал, гитара), Украина (Олександр Сора, виолина), Србија (Иван Ковачевиќ, бас) и Грција (Стелиос Тогијас, перкусии).

Фотографија на BGKO - Barcelona Gipsy balKan Orchestra.Фотографија: Лаура Соријано

„’Барселона Џипси Балкан оркестра’ изведува традиционална музика од Балканот, ромска и еврејска музика од Источна Европа, со оригинален пристап и огромна страст, притоа постојано истражувајќи ги своите корени“, вака се опишува оваа одлична екипа, чие музичко патување започна пред две години со „Del Ebro al Danubio“.

„Песните на албумот ’Avo Kanto’ се изродија од многуте концерти, места, луѓе, музичари и моменти што сè уште нè движат. Речиси сите од нив се традиционални песни, интерпретирани низ времето, пренесувани од генерација на генерација, кои никогаш не ја изгубиле својата моќ да ги разбудат најдлабоките чувства на човековото битие“, објаснуваат тие.

Фотографија на BGKO - Barcelona Gipsy balKan Orchestra.

Изведбата на нашата „Македонско девојче“, која се роди пред 52 години, е овековечена на настапот во Минхен, за време на нивната германска турнеја во април годинава, а ние се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да ги слушнеме во живо и во Македонија. Како изгледа и звучи нашиот евергрин во изведба на „Барселона Џипси Балкан оркестра“ дознајте во продолжение. Уживајте!

 

Продолжете да уживате и со „Зајди, зајди“, „Ајде Јано“ и „Македонски чочек“!

 



Врати се горе ↑