Македонија

29 септември, 2017

Шоу на Александра Јанева во финалето на „Макфест 2017“

Двократната победничка на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, Александра Јанева ќе го има единственото шоу на годинашното издание, кое ќе се одржува од 5 до 7 октомври, соопштија организаторите. Таа ќе ги отпее своите најголеми хитови во ревијалниот дел, додека трае гласањето за големото финале на 7 октомври.

Публиката во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, како и онаа пред малите екрани, ќе ужива со своите омилени песни од талентираната струмичанка, како што се „Еве ме пак“, „Најмило мое“, „Солза за крај“ и двете победнички теми „Врати ми го сонцето“ (2013) и „За сто години“ (2016).

јанева

Како што е познато, и овој пат фестивалот ќе понуди 30 нови композиции, од кои 15 ќе слушнеме во првата и уште 15 во втората полуфинална вечер, а пласман за финале ќе обезбедат само 20, односно по 10 од секоја вечер.

За разлика од претходните 3 години, изведувачите овој пат нема да бидат придружувани од Ревискиот оркестар на МРТ, односно ќе пеат на матрица, а новитет годинава е и драстично намалениот награден фонд, па така победничкиот тим ќе освои 1.500 евра, второпласираните 1.000 евра, а третопласираните 500 евра во денарска противвредност. По 500 евра ќе добијат и добитниците на признанијата за вокална изведба, аранжман, дебитант и за најдобар сценски настап.

Кој сè ќе настапи на „Макфест 2017“ можете да се потсетите овде.



Врати се горе ↑