Концерт

9 јули, 2018

Шон Пол на 23 август во Скопје!

Една од најактуелните светски ѕвезди, јамајканскиот суперстар Шон Пол (Sean Paul) на 23 август ќе гостува во Скопје, соопштија организаторите од продукцијата „Фјужн“ и „Акаша букинг“, а интересно е тоа што концертот во нашиот главен град, кој е во рамките на неговата светска турнеја, воедно е и единствениот во овој регион.

Една од најголемите ѕвезди на денешницата, на дружба со македонската публика пристигнува директно од Кардиф, Велика Британија, а по Скопје продолжува кон Азија. Повеќекратниот добитник на престижната награда Греми на скопскиот концерт доаѓа со својата комплетна екипа составена од врвни танчари и музичари. Влезниците за овој уникатен настан се веќе пуштени во претпродажба и тоа по специјално намалени цени, во ограничен број преку продажните мрежи на karti.com.mk и mktickets.mk, како и на kupikarti.mk.

 

Шон Пол Енрикес е роден на Јамајка. Потекнува од спортско семејство, и сосема логично било и тој да се занимава со спорт. Тоа всушност и го правел додека бил на возраст меѓу 13 и 21 година. Но тука завршува спортската приказна и покрај талентот, затоа што сфаќа дека негова љубов е всушност музиката. Првиот сингл го издава во 1996 година – „Baby Girl (Don’t Cry)“ со продуцентот Џереми Хардинг. Песната станува популарна и не само на Јамајка. 1999 година е година на негов пробив, а веќе во 2000 излегува деби-студискиот материјал „Stage One“ и тогаш всушност и светот слуша за Шон Пол.

 

Во 2002 година следува „Dutty Rock“ – албум кој се продава во 6 милиони примероци. Една од темите, „Get Busy“, три недели е на врвот на Билбордовата сингл-листа и една на Билбордовата листа за најдобри ар-ен-би и хип-хоп синглови. Дуетската со Бијонсе – „Baby Boy“ е на првите позиции девет и пет седмици. Во 2004 ја добива првата Греми-статуетка за најдобар реге-албум. И тоа е само почеток, зашто во портфолиото на Шон Пол се запишани неколку Билбордови музички награди за најпродаван реге-музичар и реге-албум; потоа за омилен поп или рок-музичар на Американските музички награди, најдобар реге-пејач на Јамајканските награди…

 

Не помалку успешен е и неговиот следен проект „The Trinity“, кој се продава во над 4,5 милиони примероци… И тоа е само почеток, зашто следуваат сè поголеми успеси, како и соработките со Џуси Џеј, „Ту Чеинз, Ники Минаж, Коншенс… И, секако, неговата петта номинација за Греми. Се редат соработки со Енрике Иглесијас, „Мејџор лејзер“, Фарел Вилијамс, Сиа, „Литл микс“, „Клин бандит“, Дуа Липа и актуелната „Mad Love“ со Дејвид Гета и Беки Џи, која дојде на почетокот од оваа 2018 година.

И уште еднаш – заокружете го 23 август 2018. Единствениот датум и единствена можност за да присуствувате на овој незаборавен спектакл.

ШОН ПОЛ ВО СКОПЈЕ, ШОН ПОЛ ВО МАКЕДОНИЈА!

Концертот е закажан на Стадионот на АРМ, во градскиот парк, со почеток во 20 часот.

 



Врати се горе ↑