Свет

24 декември, 2017

Шер во гламурозно издание во трејлерот за „Мама миа 2“

Деновиве конечно стигна трејлерот за долгоочекуваното продолжение на мјузиклот „Мама миа!“, чиј прв дел од 2008 година се покажа како вистински погодок, исто како и бродвејската верзија, чија македонска премиера е токму денеска! Освен што ги резимира случувањата од пред десет години, трејлерот нè потсетува и на ситуацијата со бремената Софи Шеридан, која ја игра Аманда Сејфрид, а има и сцени со Мерил Стрип и Кристин Барански, но се чини дека главната ѕвезда овој пат е легендарната Шер!

Имено, 71-годишната дива ја игра Руби Шеридан, бабата на Софи, и се чини дека доаѓа токму навреме за да го дочека своето правнуче. Приказната овој пат се фокусира на младоста на сега веќе починатата Дона (Мерил Стрип), чија помлада верзија ја игра Лили Џејмс, а каков расплет ќе има сето тоа ќе дознаеме во јули следната година. Филмот е во режија на Ол Паркер, кој го напиша и сценариото, а во останатите улоги ќе ги видиме и Пирс Броснан, Колин Фирт, Стелан Скарсгард, Доминик Купер, Енди Гарсија и други.

 

После денешната премиера во МНТ, следните изведби на „Мама миа се закажани за 26, 28 и 29 декември.



Врати се горе ↑