Балкан sergej-cetkovic

21 ноември, 2013

Сергеј Четковиќ е црногорскиот претставник за Евровизија 2014

Црна Гора го одбра својот претставник за следното 59-то издание на музичкиот натпревар Евровизија, кој в’година ќе се одржува во Копенхаген, Данска. Станува збор за популарниот кантавтор Сергеј Четковиќ, кој е познат по своите балади.

„Со задоволство ја прифатив поканата од РТЦГ и чест ми е што ќе ја претставувам Црна Гора на изборот за песна на Евровизија. Се разбира дека ќе дадам сè од себе да се претставиме на најдобар можен начин. Јас и мојот тим на продуценти внимателно следиме што се случува на европската музичка сцена. Веќе на големо работам како на текстот, така и на самата композиција. Се надеваме на влез во финале, што за мене е добар пласман. Темата ќе биде подготвена на повеќе јазици. На тој начин песната ќе им ја приближиме на пример на Италијанците, Французите, Англичаните… Во секој случај нè очекува многу работа бидејќи сакаме добар пласман. Мое е да направам добра песна, бидејќи сметам дека токму тоа му недостасува на фестивалот во последните години.“ – смета Четковиќ и додава дека ова е „нова страница во неговата биографија и уште еден предизвик во четиринаесетгодишната кариера“.

„За сега имаме некои демо снимки и неколку рефрени, но сè уште не знаеме точно како ќе звучи финалната верзија. Она од кое се водиме во моментов е песната да привлече внимание после првиот такт“ – пишува во соопштението на неговата официјална фан страница на Фејсбук.

На музичката сцена Четковиќ е присутен од 1998 година и до сега има издадено пет студиски албуми, а претстојниот шести албум го најави со темата „Још волим те“, која ја објави во декември минатата година.

Како самостојна држава, Црна Гора учествува на Евровизија од 2007 година, но за жал, ниту еден од петте претставници не успеал да влезе во финале. Првиот претставник на оваа земја во 2007 година беше Стеван Фади, по кој следеа претставниците Стефан Филиповиќ во 2008, Андреа Демировиќ во 2009, потоа во 2012 „Еуро Неуро“ пееја Рамбо Амадеус, а годинава на „Игранка“ нè покани групата Who See заедно со Нина Жижиќ. Во продолжение потсетете се како изгледаше нивниот настап на евровизиската сцена годинава во Малме, Шведска.

 

 

 



Врати се горе ↑