Видео ss

24 август, 2014

Сем Смит започна со работа на следниот албум

Иако неговото мошне успешно деби издание „In The Lonely Hour“ беше објавено во мај годинава, младиот британски пејач Сем Смит изјавил дека веќе започнал со работа на неговиот следен албум. И покрај тоа што неговиот деби албум реди успеси на двете страни од Атлантикот, во неодамнешно интервју за „Дигитал Спај“ Смит изјавил дека не сака да чека со новите материјали: „Мислам дека секогаш ќе се плашам од тоа дека сето ова нема да биде нешто од што живеам, нешто што е моја кариера, затоа едноставно не можам да се потпрам во фотелја и да се опуштам и да чекам следната година некој да рече ’Добро, сега мораме да направиме и втор албум’, а јас да не знам што да правам… Едноставено не можам да направам такво нешто.“

Смит објаснил дека започнал да работи на нови материјали веќе пред неколку недели и дека веќе има идеја за можна песна: „Имам наслов кој ми се допаѓа. Знаете, сè уште не знам за што сакам да зборувам на следното издание… Не сум во врска, иако се гледам со некого. Но, не знам ни дали сакам да се натерам себеси да бидам во врска за да можам да напишам албум… Има многу опции.“

Пејачот неодамна ги демантираше гласините дека работи на новата тема за филмот за Џејмс Бонд. За „Њу Мјузикал Експрес“ тој изјавил: „Не, не ни знам од каде дошла таа идеја и не знам ништо повеќе од тоа што го знаете вие. Всушност, вие веројатно знаете и повеќе со оглед на тоа што јас не сум ја ни прочитал таа вест. Мислам дека секој би сакал да направи такво нешто, но ете, тоа беше ’новост’ и за мене, па не би сакал повеќе да коментирам за тоа.“

Како четврт сингл од неговото деби издание на 31 август ќе биде исфрлена темата „I’m Not The Only One“, а неодамна претставениот видео запис можете да го погледнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑