Свет тим-сем

12 април, 2017

Сем Смит во студио со Тимбаленд?

Доколку се прашувавте што се случува со Сем Смит, деновиве стигна некаков одговор во форма на фотографија, каде што младата британска ѕвезда е во студио со легендарниот американски продуцент Тимбаленд. Сè уште не се познати многу детали за оваа доста неочекувана соработка, но крајниот резултат веројатно ќе биде дел од големиот повратнички проект на Тимбаленд, кој се најавува за втората половина од годинава.

тимс

После огромниот успех на Бондовата тема „Writing’s On The Wall“, за која Смит се закити и со Златен глобус и Оскар, пејачот сосема се повлече од очите на јавноста, а ние се надеваме дека времето го искористил за да подготви нов материјал, особено бидејќи од објавувањето на неговото првенче „In The Lonely Hour“ поминаа речиси 3 години.

Што се однесува на Тимбаленд, кој продуцирал глобални хитови на ѕвезди како што се Џастин Тимберлејк, Кејти Пери, Ријана, Бијонсе, Нели Фуртадо, „Уан репаблик“ и многу други, својот четврт по ред студиски албум насловен „Opera Noir“ ќе го објави подоцна годинава, а ќе стигне после цели осум години од неговиот претходник „Shock Value II“ (2009).



Врати се горе ↑