11 февруари, 2015

Сем Смит триумфираше на доделувањето на Греми наградите

Во неделата, 8 февруари, по 57. пат беа доделени престижните музички награди Греми, а на церемонијата која традиционално се одржа во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес, настапија бројни музички имиња како што се „Еј-си-ди-си“, Мадона, Аријана Гранде, Сем Смит, Ед Ширан, Канје Вест, Фарел Вилијамс, Кејти Пери, Сиа, Бијонсе и многу други. Според бројот на номинации предводеше британската ѕвезда во подем, Сем Смит, кој очекувано триумфираше во едни од најважните категории; неговиот хит „Stay With Me“ победи во категориите „Снимка на годината“ и „Песна на годината“, неговиот деби албум „In The Lonely Hour“ беше прогласен за „Најдобар поп вокален албум“, а самиот пејач ја понесе титулата „Најдобар нов уметник“. Неговата импресивна изведба со ар-ен-би- дивата Мери Џеј Блајџ можете да ја погледнете горе.

Бијонсе и Фарел годинава се закитија со по три златни грамофони, а за „Албум на годината“ беше прогласено изданието „Morning Phase“ на Бек. Признанија за животно дело им беа доделени на „Би џис“, поранешниот Битлс Џорџ Харисон, Пјер Буле, Бади Хај и Флако Хименез. Комплетната листа на наградени во сите категории можете да ја погледнете на официјалната веб страна на Греми, а во продолжение уживајте со дел од настапите на годинешната манифестација.

 

Честа да ја отворат вечерта ја имаа рок ветераните „Еј-си-ди-си“, кои ги изведоа хитовите „Rock Or Bust“ и „Highway To Hell“, а по нив следеше младата поп пејачка Аријана Гранде со „Just A Little Bit Of Your Heart“. Британската легенда Том Џонс заедно со младата колешка Џеси Џеј ја отпеа „You’ve Lost That Lovin’ Feeling“, која во 1965 ја снимија „Рајтчс брадрс“, а ја напишаа Бери Мен и Синтија Вејл, на кои годинава им беше доделена наградата за особен придонес во музичката индустрија. Кантри ѕвездата Миранда Ламберт, која ја освои наградата „Најдобар кантри албум“ за изданието „Platinum“, настапи со темата „Little Red Wagon“.

 

Импресивен настап имаше и повеќекратниот добитник на Греми награда, Канје Вест, кој ја изведе баладата „Only One“, снимена во соработка со легендарниот Битлс Пол Макартни.

 

Секако дека еден од најозборуваните настапи го имаше кралицата на поп музиката, Мадона, која го изведе нејзиниот штотуку објавен сингл „Living For Love“. Настапот не е достапен на „Јутјуб“, но изгледаше приближно исто како и видео записот за песната, кој можете да го прегледате во продолжение.

 

Британскиот музичар Ед Ширан настапи со неговата хит баладата „Thinking Out Loud“, а фронтменот на „Марун 5“, Адам Левин настапи во дует со колешката од „Ноу даут“, Гвен Стефани, изведувајќи ја заедничката балада „My Heart Is Open“.

Мошне интересна дуетска изведба имаа и ирскиот музичар Хозиер со поранешната вокалистка на „Јуритмикс“, Ени Ленокс. Хозиер го изведе својот хит „Take Me To Church“, номиниран за „Песна на годината“, а Ленокс ја воодушеви публиката со изведбата на класикот „I Put A Spell On You“, кој се најде на нејзиниот минатогодишен албум со преработки „Nostalgia“, номиниран во категоријата „Најдобар традиоционален поп вокален албум“.

 

Фарел заедно со филмскиот продуцент Ханс Цимер и кинескиот пијанист Ланг Ланг изведе малку поинаква верзија на хитот „Happy“, кој се закити со наградата за „Најдобра поп соло изведба“.

 

Кејти Пери ја отпеа баладата „By The Grace Of God“, а Тони Бенет и Лејди Гага настапија со насловната тема од нивниот заеднички албум „Cheek To Cheek“, кој победи во категоријата „Најдобар традиционален поп вокален албум“.

 

Ашер ја отпеа „If It’s Magic“ во чест на Стиви Вондер, a Ерик Чрч настапи со својот хит „Give Me Back My Hometown“.

 

Кантри пејачите Бренди Кларк и Двајт Јоакам ја изведоа темата „Hold My Hand“, по која следеше и настапот на Ријана, Канје Вест и Пол Макартни со нивниот заеднички хит „FourFiveSeconds“.

 

Латино ѕвездата Хуанес настапи со неговиот хит „Juntos“, од изданието „Loco de amor“, номинирано во категоријата „Најдобар латино поп албум“.

 

Австралиската хитмејкерка Сиа вообичаено се појави со голема перика која го сокриваше нејзиното лице, а нејзиниот хит „Chandelier“, кој иако беше номиниран во 4 категории, не успеа да освои ниту една статуетка, го изведе со завртен грб и со помош на веќе редовната придружничка Меди Зиглер и актерката Кристен Виг.

 

Фронтменот на „Колдплеј“, Крис Мартин настапи заедно со колегата Бек, изведувајќи ја темата „Heart Is A Drum“, а Бијонсе ја отпеа познатата госпел песна „Take My Hand, My Precious Lord“, која во 1956 година оригинално ја отпеа Махалија Џексон, но за потребите на филмот „Селма“ ја препеа Ледиси.

 

На спектакуларен начин, Комон и Џон Леџенд ја затворија манифестацијата со прекрасната изведба на „Glory“ од филмот „Селма“, којашто беше наградена со Златен глобус, а номинирана е и за Оскар. Уживајте!



Врати се горе ↑