Видео

19 јули, 2019

Сем Смит танцува во новото видео за „How Do You Sleep?“

Британската ѕвезда Сем Смит денеска го претстави својот нов сингл насловен „How Do You Sleep?“, кој доаѓа неколку месеци по соработката со Нормани за хитот „Dancing With A Stranger“. За оваа песна Смит соработуваше со шведските хитмејкери Макс Мартин и Илја Салманзаде и индиско-американскиот продуцент Саван Котеча, кои се главните виновници за стотици број 1 хитови изминативе дваесетина години.

За разлика од досегашните екранизации, пејачот овој пат одлучи да ги прикаже и своите танцувачки способности, со кореографија на Парис Гебел, а сето тоа е во режија на Грант Сингер.

Имајќи предвид дека на обвивките за двата сингла има шишенце со парфем, се чини дека песните ќе бидат дел од неговиот нов, трет по ред студиски албум што ќе го наследи „The Trill of It All“ од 2017 година. Како што пренесуваат британските медиуми, Сем работел на уште една нова песна со американскиот хитмејкер и фронтмен на „Уан репаблик“, Рајан Тедер, кој соработката ја опишал како „лудница“.

Додека очекуваме повеќе детали за новиот проект на Сем Смит, неговиот штотуку објавен сингл „How Do You Sleep?“ можете да го слушнете и прегледате во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑