Свет BRITS2015_lg_950x440-1

15 јануари, 2015

Сем Смит со најмногу номинации и на британските музички награди

Покрај номинациите за Оскарите, денеска беа објавени и номинираните уметници и песни за претстојното 35. доделување на британските музички награди, попознати како „БРИТ награди“. Според бројот на номинации, исто како и за Греми наградите, предводи младата британска ѕвезда Сем Смит, кој ќе се натпреварува во 5 категории, а по 4 номинации добија колегите Ед Ширан и Џорџ Езра.

Минатогодишниот добитник на наградата „Избор на критиката“ е номиниран за „Британски уметник во подем“ и „Британски машки уметник“, неговото историско првенче „In The Lonely Hour“ ќе се бори за титулата „Британски албум на годината“, а хит синглот „Stay With Me“ е номиниран во категориите „Британски сингл“ и „Британски видео запис на годината“.

 

Ширан, кој и претходно во 2012 година бил номиниран во 4, а победил во 2 категории, годинава ќе се натпреварува во категоријата „Британски машки уметник“, неговиот втор студиски албум „Х“ е номиниран за „Британски албум на годината“, а баладата „Thinking Out Loud“ доби номинации за „Британски сингл“ и „Британски видео запис на годината“.

 

Шармантниот Џорџ Езра годинава ги доби своите први номинации за британските музички награди, а ќе се натпреварува во категориите „Британски уметник во подем“ и „Британски машки уметник“, неговото првенче „Wanted on Voyage“ ќе се бори за титулата „Британски албум на годината“, а хитот „Budapest“ е номиниран за „Британски сингл на годината“.

 

Во категоријата „Британски уметник во подем“, покрај Смит и Езра, ќе се натпреварува и младата пејачка Еф-кеј-еј твигс, како и групите „Чрчис“ и „Ројал блад“, а за „Британски албум на годината“, покрај гореспоменатите изданија на Смит, Ширан и Езра, номинирани се и албумите „This Is All Yours“ на „Алт-џеј“ и „Royal Blood“ на „Ројал блад“.

Заедно со Смит, Ширан и Езра, за титулата „Британски машки уметник“ ќе се борат и Дејмон Албарн и Паоло Нутини, а во категоријата „Британски женски уметник“ номинирани се Еф-кеј-еј твигс, Палома Фејт, Џеси Вер, Ела Хендерсон и Лили Ален. За „Британска група“ номинации добија „Колдплеј“, „Алт-џеј“, „Уан дајрекшн“, „Клин бандит“ и „Ројал блад“. За „Британски продуцент“ номинирани се Алисон Голдфрап и Вил Грегори, Флад, Џејк Гослинг и Пол Епворт, а избор на критиката за годинава е Џејмс Беј.

 

„Британскиот сингл на годината“ ќе биде еден од следниве хитови: „Summer“ на Келвин Харис, „Rather Be“ на „Клин бандит“ и Џес Глин, „I Got U“ на Дјук Дјумонт и Џекс Џонс, „Thinking Out Loud“ на Ед Ширан, „Ghost“ на Ела Хендерсон, „Budapest“ на Џорџ Езра, „Uptown Funk“ на Марк Ронсон и Бруно Марс, „My Love“ на „Рут 94“ и Џес Глин, „Stay With Me“ на Сем Смит и „Nobody To Love“ на „Сигма“.

Слична е ситуацијата и во категоријата „Британски видео запис“, кадешто наместо „Rather Be“, „Budapest“ и „Ghost“, номинирани се екранизациите на „Boom Clap“ од Чарли Екс-си-екс, „You And I“ на „Уан дајрекшн“ и I Will Never Let You Down“ на Рита Ора.

Што се однесува на интернационалните уметници и синглови, во категоријата „Интернационален машки уметник“ номинирани се Бек, Хозиер, Фарел Вилијамс, Џон Леџенд и Џек Вајт, а за „Интернационален женски уметник“ ќе се натпреваруваат Бијонсе, Тејлор Свифт, Лана Дел Реј, Сиа и Сент Винсент, додека за „Интернационална група“ номинирани се „Фу фајтерс“, „5 секндс оф самр“, „Блек киз“, „Вор он драгс“ и „Фрст ејд кит“.

35. јубилејно доделување на британските музички награди ќе се одржи на 25 февруари во арената „О2“ во Лондон, а на манифестацијата ќе настапат Сем Смит, Тејлор Свифт, Ед Ширан, Џорџ Езра, Палома Фејт и „Ројал блад“.

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑