Свет gg

11 јануари, 2016

Сем Смит се закити со Златен глобус за бондовата „Writing’s On The Wall“

… триумфираше „Повратникот“ на Ињариту, конечно победа за Сталоне и прва награда како актерка за Лејди Гага

Синоќа, во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес, по 73. пат беа доделени наградите Златен глобус, кои ги доделува Здружението на холивудски странски новинари (Hollywood Foreign Press Association), а улогата на водител по четврти пат ја имаше британскиот актер и комичар Рики Џервејс. Бројни филмски и телевизиски остварувања, актери, режисери, музичари и други филмски уметници беа номинирани и наградени во вкупно 26 категории.

Според бројот на освоени награди, триумфираше екипата на филмот „Повратник“ (The Revenant), која победи во сите три категории во кои беше номинирана. Улогата во овој епски вестерн на Леонардо ДиКаприо му го донесе третиот Златен глобус во категоријата „Најдобра машка главна улога во драма“, во која претходно победи во 2005 за „Авијатичарот“ и 2014 година за „Волкот од Вол стрит“. Примајќи ја наградата, актерот им се заблагодари на сите соучесници што беа дел од проектот, како и на семејството и пријателите, а особено нагласи дека би сакал да ја сподели наградата со „сите домородни заедници ширум светот и дека време е да ја признаеме нивната историја, како и да ја заштитиме нивната родна земја од интересите на корпорациите и луѓето што сакаат да ја експлоатираат. Време е да го слушнеме вашиот глас и да ја заштитиме планетата за идните генерации“, заклучи ДиКаприо, кој е познат и по своите активности и заложби за заштита на животната средина и природните богатства.

 

Останатите две награди за овој филм отидоа во рацете на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Ињариту, кој беше прогласен за најдобар режисер, а „Повратникот“ за најдобра драма. Ињариту, кој и минатата година триумфираше на филмските награди со остварувањето „Човекот птица“ (Birdman), истакна дека снимањето на овој филм му беше „највозбудливото искуство во животот“. За неколку дена ќе дознаеме и во колку категории ќе се бори за академските филмски награди, односно Оскарите, чии номинации ќе бидат објавени на 14 јануари.

 

Со два Златни глобуси се закити и екипата на филмот „Марсовец“ (The Martian), кој беше победник во категоријата „Најдобар филм, мјузикл или комедија“, за што водителот Рики Џервејс се пошегува неколку пати во текот на вечерта, а Мет Дејмон триумфираше во категоријата „Најдобра машка главна улога во мјузикл или комедија“. Ова е втор Златен глобус за познатиот актер, кој претходно ја освои оваа награда во 1998 година, во категоријата „Најдобро сценарио“ за филмот „Добриот Вил Хантинг“.

 

Заслужено огромен аплауз од колегите доби и победникот во категоријата „Најдобра машка споредна улога“, легендарниот Силвестер Сталоне, кој конечно се закити со својот прв Златен глобус, за кој досега беше номиниран само два пати во 1977 година, за филмот „Роки“. Оваа прва златна статуетка Слај ја освои за улогата во филмот „Крид“ (Creed), кој всушност е седмо продолжение од серијалот за Роки Балбоа.

 

Две награди освои и филмот за главниот човек на компанијата „Епл“, Стив Џобс. Првата од нив отиде во рацете на британската актерка Кејт Винслет, во категоријата „Најдобра женска споредна улога“, а втората за „Најдобро сценарио“ ја освои Арон Соркин. Најдобар анимиран филм е успешното остварување на компаниите „Дизни“ и „Пиксар“ – „Во мојата глава“ (Inside Out).

Во поглед на музиката, осмото филмско остварување на неповторливиот Квентин Тарантино, „Омразените осум“ (The Hateful Eight) доби награда за „Најдобра оригинална музика“, која отиде во рацете на легендарниот Енио Мориконе, а најдобрата оригинална песна е бондовата тема „Writing’s On The Wall“ на Сем Смит, кој се потпишува и како коавтор заедно со Џими Нејпс. Со оглед на тоа што често се случува истата песна што ќе победи на Златните глобуси да победи и на Оскарите, се надеваме дека младиот пејач ќе успее да го повтори успехот на колешката Адел, чиј хит „Skyfall“ е првата тема на Бонд филм што ја освоила оваа престижна награда.

 

Ова 73. доделување на Златните глобуси долго ќе го памети американската пејачка Лејди Гага, која успеа да ја победи конкуренцијата од искусни актерки во категоријата „Најдобра женска главна улога во мини ТВ серија или ТВ филм“, освојувајќи ја својата прва награда како актерка, и тоа за својата прва официјална улога во петтата сезона од популарната серија „Американска хорор приказна: Хотел“. Покрај Гага, во оваа категорија беа номирани Кирстен Данст, Фелисити Хафман, Квин Латифа и Сара Хеј.

„Ова е најубавиот момент во мојот живот! Сакав да бидам актерка уште пред да станам пејачка, но музиката дојде прва…“ рече пејачката, заблагодарувајќи им се на сите колеги и соучесници во серијата што ѝ овозможија „да ја истражува својата креативност на начини кои не можела ни да ги замисли“.

 

Специјалната награда Сесил Б. ДеМил годинава отиде во рацете на извонредниот Дензел Вашингтон.

Меѓу наградените телевизиски проекти се најдоа „Афера“, „Луда поранешка девојка“, „Моцарт во џунглата“, „Покажи ми херој“, „Господин робот“ и други, а победниците во сите 26 категории, по редоследот како што беа доделувани, Ве очекуваат во продолжение.

Најдобра женска споредна улогаКејт Винслет (Стив Џобс)

Најдобра женска споредна улога во серија, мини серија или филм за телевизијаМора Тирни (Афера)

Најдобра женска главна улога во телевизиска серија, комедија или мјузиклРејчел Блум (Луда поранешна девојка)

Најдобра телевизиска серија, комедија или мјузикл„Моцарт во џунглата“

Најдобра мини серија или филм за телевизија„Вулф хол“

Најдобра машка главна улога во мини серија или филм за телевизијаОскар Ајзак (Покажи ми херој)

Најдобра машка споредна улога во серија, мини серија или филм за телевизија Кристијан Слејтер (Господин Робот)

Најдобра оригинална музика„Омразените осум“ (Енио Мориконе)

Најдобра машка главна улога во ТВ драмаЏон Хем (Луѓето од Менхетен (Mad Men))

Најдобра машка главна улога во мјузикл или комедијаМет Дејмон (Марсовец)

Најдобар анимиран филм „Во мојата глава“

Најдобра машка споредна улога Силвестер Сталоне (Крид)

Најдобро сценарио – „Стив Џобс“

Најдобра машка главна улога во ТВ серија, комедија или мјузиклГаел Гарсија Бернал (Моцарт во џунглата)

Најдобар филм на странски јазик „Синот на Саул“ (Унгарија)

Најдобра женска главна улога во мини серија или филм за телевизијаЛејди Гага (Американска хорор приказна: Хотел)

Најдобра оригинална песна во филм„Writing’s On The Wall“ (Спектра)

Најдобра ТВ драма „Господин Робот“

Најдобар режисерАлехандро Гонзалес Ињариту (Повратник)

Најдобра женска главна улога во ТВ драмаТараџи П. Хенсон (Империја)

Најдобра женска главна улога во мјузикл или комедијаЏенифер Лоренс (Џој)

Најдобар филм, мјузикл или комедија„Марсовец“

Најдобра женска главна улога во драмаБри Ларсон (Соба)

Најдобра машка главна улога во драмаЛеонардо ДиКаприо (Повратник)

Најдобар филм, драма„Повратник“

 

Со 73. доделување на Златните глобуси и официјално започна сезоната на награди. Следно на распоредот е 58. доделување на Греми наградите (номинации овде), кое ќе се одржи на 15 февруари, на 24 февруари по 36. пат ќе бидат доделени британските еквиваленти, односно БРИТ наградите, а на 25 февруари по 88. пат ќе бидат доделени Оскарите. Номинациите и за британските музички награди и за Оскарите ќе бидат објавени в четврток, 14 јануари.

И.Ј.



Врати се горе ↑