Аудио 21371166_1363404337091588_8978904885804187224_n

9 септември, 2017

Сем Смит се враќа со „Too Good At Goodbyes“

Британската ѕвезда Сем Смит неодамна најави враќање на сцената, споделувајќи фотографии од снимањето на новото видео, кое сè уште не е објавено, но затоа веќе стигна аудио снимката од повратничкиот сингл насловен „Too Good At Goodbyes“. Станува збор за уште една соработка со долгогодишниот соработник Џими Нејпс и продуцентското дуо „Старгејт“, која воедно е најава за наследникот на мошне успешното првенче „In The Lonely Hour“, кој би требало да стигне до крајот на годинава.

Во неодамнешен разговор за едно британско радио, Смит открил дека песната е биографска, инспирирана од искуствата од претходната врска во која бил. „Сè уште сум многу сингл. Мислам дека сум повеќе сингл отколку кога бев кога го објавив ’In The Lonely Hour’“, рекол тој, додавајќи дека „луѓето ќе слушнат низ што сум поминал во поглед на врските минатата година, а тоа ме направи доста посилен и мислам дека научив некои лекции од сето тоа.“

21462312_1363416057090416_6389490686680472516_n

 

„Сепак, албумот не е само за мене. Има четири песни за мене, а остатокот се за различни нешта и различни луѓе во мојот живот и за нивните искуства. Сакав да им посакам добредојдовте назад на моите слушатели, пред сè со мојот глас и со приказните за тоа низ што сум поминал“, додал Смит.

Минатата година ја посветил, како што вели, на повторно зближување со семејството и пријателите, од кои се оддалечил заради огромната слава што ја стекнал за многу кратко време. „Мојата слава и она што ти се случува кога ќе станеш познат навистина ме исплаши. Се оддалечив од семејството и пријателите само затоа што нашите животи станаа различни, а тоа ми беше многу тешко. Кога не сум близок со моето семејство едноставно не сум најдобрата личност што можам да бидам, па цела една година да не биде само за мене беше апсолутно прекрасно. Бев присутен за раѓањето на мојата кумашинка, бев на секој роденден на моите родители, сестра ми, братучедите, најдобрите пријатели, на димпломирањето на сестра ми… тоа беше неверојатно!“, заклучи тој.

21317476_1360268630738492_3911084991334068220_n

Наскоро се очекуваат повеќе детали околу новото издание, за кое Смит рече дека ќе стигне „пред Божиќ“, а веќе се закажани неколку концерти во Лос Анџелес, Њујорк, Лондон и Берлин, што ќе се одржат на 11, 13, 15 и 18 септември. Новиот сингл, кој можете да го преслушате во продолжение, ветува уште една успешна етапа од кариерата на британскиот пејач, а не се сомневаме дека повторно ќе биде еден од главните ликови во претстојната сезона на награди.

Извор: NME / Фотографии: Фејсбук



Врати се горе ↑