Интервју Sam-Smith-2014-1050x700

29 мај, 2014

Сем Смит, отворено за љубовта и музиката…

По соработките за хитовите „Latch“ со Дисклоужр и „La La La“ со Ноти Бој, гласот на 22-годишниот Сем Смит, кој BBC го прогласи за најнадежен музичар за 2014 година, го слушна целиот свет. Од неговиот неодамна објавен деби албум „In The Lonely Hour“ беа исфрлени 3 сингла кои го достигнаа и првото место на бројни топ листи ширум светот.

Роден во руралниот дел на Кембриџшајр, Англија, Смит започна да зема часови по пеење кај локален џез музичар уште кога имал 8 години. Оваа идеја ја добиле неговите родители кои едно утро го слушнале како ја пее „My Love Is Your Love“ од Витни Хјустон. Голем дел од неговото детство го поминал во изведби и проби, а неговата мајка која била угледна банкарка, често барала од него да пее за нејзините пријатели и соработници. Откако наполнил 12 години, неговата кариера била водена од шест различни менаџери кои му ветувале слава…

На 18 години Смит се преселил во Лондон, каде што го запознал музичарот Џими Нејпс, со кој заеднички ја напиша „Lay Me Down“, балада која Нејпс им ја пратил на менаџерите на дуото Дисклоужр во 2012 година. Во тоа време Смит сè уште немал потпишано договор, но се потпиша како автор на темата „Latch”, која успеа да се искачи меѓу најдобрите 20 на британаска топ листа и која му донесе договор со Капитол Рекордс. Сем стана октритие благодарение на интересниот констраст; неговиот глас е во голема мера традиционален и според старите стандарди, а тоа најдобро се покажало во неговите преработки на песни од легендарните Френк Синатра, Џуди Гарлад и Шака Кан. Но, соработките со Дисклоужр (и подоцна со Ноти Бој за британскиот бр. 1 хит „La La La”) го прикажаа и неговиот современ звук што всушност му доликува за неговата возраст. И така одеднаш стана значаен…

Неговиот деби албум „In The Lonely Hour“ изобилува со поп музика, а неговата вокална изведба е беспрекорна. Емотивните балади звучат како химни за невозвратена љубов, несигурност и копнеж, а сето тоа ги заинтригира неговите фанови кои сакаат да дознаат кому се посветени тие стихови… За жал, цената на славата е таа, па човек мора да ја жртвува приватноста. Порано годинава, таблоидите го поврзуваа Смит со моделот Дејзи Лоу (за која јавно потврди дека нивната врска е платонска), додека новиот видео запис за темата „Leave Your Lover“ предизвика бројни коментари околу неговата сексуална ориентација. За еден пејач кој најчесто пее љубовни песни, Смит никогаш не се изјаснил околу тоа за кој пее – сè до сега. Сето тоа го открива во интервјуто за магазинот The Fader, кое ќе го прочитате во продолжение.

Кога започна да се занимаваш со музика?

Мојата мајка ме праќаше еднаш неделно на часови по пеење кај една џез пејачка по име Џоана Идн (Joanna Eden). Се сеќавам на нашиот прв час; ја пеев „Come Fly With Me“ од Френк Синатра и „Get Happy“ од Џуди Гарланд. Знаете, кога вашите родители ќе ви кажат дека сте добри во нешто, реагирате како: „Аха, добро…“. Но кога мојата учителка ми рече дека има нешто посебно тука… никогаш не сум добил комплимент за ништо бидејќи отсекогаш сум бил доста просечен. Некој да го чуе мојот глас и да се воодушеви од тоа… тоа навистина ми ја зголеми самодовербата.

Кога започна да настапуваш пред публика?

Кога имав 11 години, си купив засилувач на звук. Имавме конзерваториум во нашата куќа, односно три високи скали кои водеа кон дел налик на сцена. Секогаш кога мајка ми имаше гости на вечера и кога беше малку пијана, ми велеше да се качам таму и да пеам за сите. И од некоја апсурдна причина тоа и го правев.

Дали ти се допаѓаше тоа?

Да. На почетокот се противев, а мајка ми не инсистираше. Всушност мојот татко беше тој кој инсистираше. Мислам дека таа само беше горда што нејзиниот син може да пее. Кога се враќав од училиште, наместо да одмарам или да гледам телевизија, јас го земав микрофонот и пеев. Тогаш почнав да се занимавам и со музички театар, а бев и придружен вокал на мојата учителка. Одев во џез клубови и учителката ќе ме повикаше на сцена за да ја пеам „Feeling Good“ заедно со неа, како дует. Имав 15 или 16 години.

Многу музички менаџери се интересираа за тебе кога беше млад.

Кога имав 14 или 15 години, ме беше ветувана ѕвездена кариера. Всушност, беше тажно. Менаџерите буквално ми велеа: „Ќе бидеш славен за помалку од година“. Јас си мислев: „Супер, ќе можам да го напуштам училиштето на 16 години.“ Ми ветуваа сè и сешто, но ништо од тоа не се исполни и јас изгледав како комплетен идиот. Се сеќавам кога Лејди Гага раскажуваше за нejзиниот живот и гледајќи и слушајќи ја нејзината приказна, помислив дека треба да го направам тоа.  Го напуштив менаџерот и почнав да пишувам музика. Се преселив во Лондон и напишав песна насловена „Little Sailor“, а дел од стиховите беа „Шест различни менаџери, сите со добра намера, ми го ветуваа светот, но не видов ништо од тоа“ (Six different managers all filled with good intent/ Promised me the world but I haven’t seen anything yet). Таа песна си ја посветив себеси за да издржам уште една година и ако и тогаш не успеам, животот е краток – ќе патувам и ќе бидам 20-годишно момче.

 

Какво беше чувството да се расте опкружен со силни жени како твојата мајка и двете сестри?

Сестрите на мојата баба беа едни од првите банкарки во Лондон, па така и мајка ми. Таа беше столбот и снабдувачот во нашето семејство. Татко ми беше домаќин, така што улогите на жените во моето семејство беа навистина силни. Мажите се навистина одлични, но се повеќе феминистички настроени. Жените се снабдувачи, па така јас сум комплетен феминист. Кога бев мал, мајка ми и татко ми ќе нè викнеа долу за вечера и седевме на маса со голема група на колеги на мајка ми. Ја гледав како стои на своето до самиот крај, затоа што тие мажи беа моќни бизнисмени. Гледајќи ја неа се научив да бидам човек кој се бори за нештата во кои верува и има самодоверба додека го прави тоа. Таа голема независност понекогаш ме правеше да се чувствувам осамено.

Се зборува дека мајка ти ја изгуби работата бидејќи била премногу вмешана во твојата кариера.

Тоа беше една навистина непријатна ситуација. Мајка ми работеше во Лондон, беше многу моќна. Таа е многу искрена личност и не направи ништо лошо. Кога бев дете, живеевме во голема куќа на село. Ја викавме „розовата куќа“. Имавме базен и разни други убави нешта. Ако мојата мајка минуваше барем еден час дневно со мене, немаше да живееме во таква куќа. Исто така, ако мајка ми ја менаџираше мојата кариера, тогаш што правеше татко ми? Татко ми беше со мене по цел ден, секој ден. Тоа беше неговата работа. Немав поп кариера. Одев на училиште секој ден од 7 до 5 часот попладне. Имав време само за снимање на песни. Единственото нешто што ме налути е тоа како ја претставија мојата мајка. Причината што сега сум во Берлин, да, мајка ми и татко ми имаат голем дел во тоа, но сепак ова е моја работа. Јас се преселив во Лондон, јас пеам и јас сум одговорен за моите постапки. Ова е моја пасија и мој пат.

На сето време поминато фокусирајќи се на музиката, сметаш ли дека имаше нормална адолесценција?

Работев и изведував секој ден, или пак се подготвував за изведба. Така што не, секој ден после часови одев да вежбам, па спиев. Се сеќавам на првиот пат кога се напив алкохол на една забава кога имав 16 години. Кога наполнив 17, престанав да работам со музичкиот театар и надополнував за изгубеното време. Бев малку, да речам, забеган. Се сеќавам дека пријателите сакаа да одиме во барови, но јас само сакав да бидам уличар, да седам на улица и да пијам бидејќи никогаш не го направив тоа.

Пееш за љубов и врски. Какво е твоето искуство со љубовта?

Никогаш не сум бил во врска.  Сум бил само во врски во кои љубовта не ми била возвратена. Веројатно тоа ме привлекува, на некој лош начин. „In The Lonely Hour“ е песна за момче во кое бев вљубен минатата година, но тој не беше вљубен во мене. Мислам дека го преболив тоа, но бев многу тажен. Се чувствував поосамено од кога и да е. Чувствував лоши нешта. И што е помоќно од емоција: болка или среќа?

Дали тој знае дека беше најголемата инспирација за албумот?

Да, знае. Му кажав за тоа неодамна и очигледно дека никогаш немаше да ни оди бидејќи тој не е вљубен во мене. Но, на некој начин тоа беше ставање крај – да си ја олеснам душата и да му кажам. Се чувствувам подобро поради тоа. Како да го отпишав тој дел од мојот живот во кој продолжував да се предавам на момчиња кои никогаш не ми ја возвратиле љубовта. Убаво е чуството да се даваат интервјуа како ова, да се зборува за тоа и да се остави позади себе. Сега можам да продолжам понатаму со надеж дека ќе најдам момче коешто ќе ме сака како што го сакам јас.

Ова е прв пат да зборуваш за него во јавност. Како се чувствуваш сега кога отворено зборуваш за тоа?

Јас сум задоволен со себе и мојот живот е одличен во тој поглед. Задоволен сум и среќен со сè. Само сакав отворено да зборувам за него. Станува збор за момче и сакав луѓето да знаат, сакав да биде јасно и тоа е сè. Сум бил третиран како нормален човек, како и секој друг во мојот живот и немам проблеми. Знам дека некои луѓе имаат проблеми во животот, но јас немав и тоа е сосема нормално. Сакам да го направам нормално бидејќи не е проблем. Ова прашање не би му било поставено на хетеросексуална личност. Се обидов да бидам паметен со овој албум бидејќи важно ми е мојата музика да допре до сите. Ја правев мојата музика за да може да биде за кој и да е, без разлика дали е момче, девојка или коза, и сите да можат да се пронајдат во неа. Јас не сум во оваа индустрија да зборувам за мојот личен живот, освен ако не е во музичка форма.

Што мислиш, зошто луѓето се толку љубопитни за твојата сексуалност?

Во ова кратко време кое го поминав на Земјата, сè што видов се „кутии“. Луѓето ги ставаат нештата во кутии, веројатно тоа им го олеснува класифицирањето на информации. Велат дека сум новата Адел. Што е поентата? Пеам, правам музика, ја изведувам мојата музика – тоа е сè за што треба да се зборува. Ако излезам јавно да зборувам за тоа во интервју, верувајте ми на зборот, тогаш Ви ја давам лозинката за мојата работа и мојот личен живот. Но, јас сум уметник и во интервјуа како ова, тоа не е мојата замисла за уметност; тоа е само мојата замисла за размена, разговор на човек со човек. Не би требало да биде проблем/прашање, но ќе биде. Секогаш е.

Загрижен ли си за идните врски со оглед на тоа што си во центарот на вниманието благодарение на славата?

Да, се грижам за тоа. Но и цврсто стојам на земја и не се обидувам да бидам нешто што не сум само за дoброто на други луѓе.

Подготвен ли си за тоа што го носи славата? 

На 22 години човек сè уште го открива својот идентите. И знаете што? Не знам и не се обидувам да се преправам дека знам. Не знам кој сум. Знаевте Вие кој сте на 22? Сè уште се обидувам да откријам кој сум и кој сакам да бидам. Знам дека сакам да бидам пејач и тоа ме прави да се чувствувам добро. Понекогаш кога одам да снимам, сакам да бидам како Бијонсе и се обидувам да пеам нејзини песни. Но единствените песни кои функционираат се оние во кои јас сум јас. Тоа, за жал, не трае долго. Пред две години мислев дека ќе бидам момчето што ќе сака забави и да се дружи со ѕвезди и ќе се носи со славата. Но, колку повеќе навлегувам во тој свет, сфаќам дека токму тој дел е единствениот кој ме прави да се чувствувам неудобно.

Дел од животот на поп ѕвезда е и тоа што си на мета на критиката. За женските уметници тоа често ги вклучува и нивните тела. Си искусил ли таква критика до сега?

Искрено, да. Неодамна на една моја слика на Инстраграм добив коментар: „Станува сè подебел и подебел.“ И тоа ми пречеше. Сфаќам зошто луѓето полудуваат. Се грижам за мојот изглед. Бев многу крупно дете, па мојата тежина е нешто за што отсекогаш сум свесен и чувствителен. Но, не ми е гајле. Ми треба само тело во кое ќе се чувствувам задоволен и ќе ми дава самодоверба. Сум добил одвратни коментари во текот на животот, така што сега сум имун на такви нешта.

Претставуваш еден вид враќање на вокалните виртуози во популарната музика, нешто како уметниците кои се твои идоли – Витни Хјустон, Лутер Вандрос… Дали е тоа важно за тебе?

Тоа е причината што правам музика каква што е мојата. Сакам да ја направам музиката која одамна ја нема. Имам голема страст за пејачкиот глас. Искрено сметам дека има многу снобизам во музичката индустрија, односно луѓе кои мислат дека си подобар музичар ако свириш некој инструмент. Тоа што се обидував да го направам со мојот албум е всушност да докажам дека мојот глас ја има главната улога. Мојот глас е инструментот. Тоа е навистина тешко, особено кога гледам уметници околу мене кои имаат по 200 фанови пред нивниот хотел, а не ни знаат да пеат.

Дали тоа те прави бесен?

Ме прави бесен бидејќи музиката не е таму. Јас сум дел од таа MTV генерација. Се грижам за тоа што носи некој кога доаѓа во студио. Сè што барам е баланс помеѓу луѓето кои можат да направат илјадници девојки да врискаат и луѓе кои можат да донесат музика која ќе остане. Некои од денешниве уметници ќе останат запамтени како познати личности, но нивната музика не. Ако немаме музика што ќе трае, што ќе го инспирира малото детенце кое седи во својата розова куќа сто години од сега?

Каде се гледаш себеси по 10 години? 

Сакам да созреам во следните неколку години. Знам дека е чудно да се каже, но се чувствувам како да имам мошне стара глава(душа). Сакам да се опуштам и повеќе да се забавувам. Но, сакам да бидам и мудар. Сакам да го видам светот. Сакам да бидам богат со секоја храна што сум ја вкусил и со сите места кои сум ги посетил и сите луѓе кои сум ги бакнал. Сакам да бидам богат во секоја смисла на зборот.

Мислиш ли дека славата ќе ти го дозволи сето тоа?

Мислам да. Се надевам дека ќе го дозволи до одреден степен. Ако не, ќе бидам навистина разочаран, бидејќи во мојата глава славата и успехот ќе донесат магични нешта. Сè уште се надевам на тоа.

Извор: Џесика Робертсон (Jessica Robertson) за The Fader (превод Ивона Јанкова) 

 



Врати се горе ↑