Свет oscars

14 јануари, 2016

Сем Смит, Лејди Гага и Викенд во трка за Оскар

…„Повратникот“ на Ињариту предводи со 12 номинации

Со неодамнешните доделувања на Златните глобуси и официјално започна сезоната на награди, а токму таа манифестација секогаш претставува своевиден вовед во она што нè очекува на поважните признанија кога станува збор за филмските остварувања – Оскарите. Денеска конечно беа објавени номинациите за 88. доделување на академските филмски награди, кое ќе се одржи на 28 февруари, а според бројот на номинации, без никакво изненадување, предводи епскиот вестерн на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Ињариту – „Повратник“ (The Revenant), кој е во трка за дури 12 статуетки, а веднаш зад него, во 10 категории е номиниран „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Mad Max: Fury Road). И двата филма се номинирани во категоријата „Најдобар филм“, заедно со „Кладба на векот“ (The Big Short), „Мост на шпиони“ (Bridge of Spies), „Марсовец“ (The Martian), „Соба“ (Room), „Бруклин“ (Brooklyn) и „Во центарот на вниманието“ (Spotlight).

Леонардо ДиКаприо, кој за својата улога во „Повратникот“ веќе се закити со Златен глобус, по шести пат е номиниран за оваа престижна награда и со оглед на тоа што важи за фаворит, се претпоставува дека токму годинава конечно ќе успее да ја победи конкуренцијата. Познатиот актер во категоријата „Најдобра машка главна улога“ ќе се бори против колегите Брајан Кренстон, Еди Редмејн, Мет Дејмон и Мајкл Фасбендер.

 

Стивен Спилберг постави рекорд како индивидуален продуцент со најмногу номинации за најдобар филм, а вклучувајќи ја актуелната номинација за „Мост на шпиони“, има вкупно 9. Досега победил во оваа категорија два пати, за филмовите „Спасувајќи го војникот Рајан“ и „Шиндлеровата листа“.

Од музичкиот свет, номинации за Оскар во категоријата „Најдобар документарен филм“ добија документарците за Ејми Вајнхаус и Нина Симон, за најдобра оригинална музика номинирани се филмовите „Керол“, „Мост на шпиони“, „Сикарио“, „Војна на ѕвездите: Будење на силата“ и „Омразените осум“, а во трка за наградата за најдобра оригинална песна се Сем Смит со бондовата „Writing’s On The Wall“, за која веќе беше награден и со Златен глобус, Лејди Гага со „Till It Happens To You“ од филмот „Ловиште“ (The Hunting Ground), канадската ѕвезда Викенд со темата „Earned It“ од филмот „50 нијанси сиво“, потоа „Simple Song #3“ од филмот „Младост“ и „Manta Ray“ од документарниот филм „Забрзано изумирање“ (Racing Extinction).

Сем Смит – Writing’s On The Wall (Спектра)

 

Лејди Гага – Till It Happens To You (Ловиште)

 

Викенд – Earned It (50 нијанси сиво)

 

Simple Song #3 (Младост)

 

Manta Ray (Забрзано изумирање)

 

Свечената церемонија на 88. доделување на академските филмски награди е закажана за 28 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, а преносот во живо ќе имаме можност да го следиме на „Сител“. Како домаќин на манифестацијата по втор пат ќе го видиме познатиот актер и комичар Крис Рок, кој претходно ја имаше оваа улога во 2005 година. Номинациите за поважните категории Ве очекуваат во продолжение, а комплетната листа можете да ја погледнете на официјалната веб страна на Оскарите.

Најдобар филм

Кладба на векот (The Big Short)
Мост на шпиони (Bridge of Spies)
Бруклин (Brooklyn)
Лудиот Макс: Пат на бесот (Mad Max: Fury Road)
Марсовец (The Martian)
Повратник (The Revenant)
Соба (Room)
Во центарот на вниманието (Spotlight)

Најдобар актер

Брајан Кренстон, „Трамбо“ (Trumbo)
Мет Дејмон, „Марсовец“
Леонардо ДиКаприо, „Повратник“
Мајкл Фасбендер, „Стив Џобс“
Еди Редмејн, „Девојката од Данска“ 

Најдобра актерка

Кејт Бланшет, „Керол“
Бри Ларсон, „Соба“
Џенифер Лоренс, „Џој“
Шарлот Ремплинг, „45 години“
Сурша Ронан, „Бруклин“

Најдобар актер во споредна улога

Кристијан Бејл, „Кладба на векот“ 
Том Харди, „Повратник“
Марк Рафало, „Во центарот на вниманието“
Марк Рајланс, „Мост на шпиони
Силвестер Сталоне, „Крид“

Најдобра актерка во споредна улога

Џенифер Џејсон Ли, „Омразените осум“
Руни Мара, „Керол“
Рејчел Мекадамс, „Во центарот на вниманието“
Алиша Викандер, „Девојката од Данска“
Кејт Винслет, „Стив Џобс“

Најдобра режија

Адам Мекеј, „Кладба на векот“
Џорџ Милер, „Лудиот Макс: Пат на бесот“
Алехандро Гонзалес Ињариту, „Повратник“
Лени Абрахамсон, „Соба“
Том Мекарти, „Во центарот на вниманието“

Најдобар анимиран филм

Аномалиса (Anomalisa)
Момчето и Светот (Boy and the World)
Во мојата глава (Inside Out)
Овцата Шон (Shaun the Sheep Movie)
Кога Марни беше таму (When Marnie Was There)

Најдобар документарен филм

Ејми (Amy)
Земјата на картелите (Cartel Land)
Изгледот на тишината (The Look of Silence)
Што се случи, г-це Симон? (What Happened, Miss Simone?)
Огнена зима (Winter on Fire)

Најдобра оригинална песна

„Earned It“ (50 нијанси сиво)
„Manta Ray“ (Забрзано изумирање)
„Simple Song #3“ (Младост)
„Til It Happens to You“ (Ловиште)
„Writing’s on the Wall“ (Спектра)

Најдобра оригинална музика

Мост на шпиони
Керол
Омразените осум
Сикарио
Војна на ѕвездите: Будење на силата

 



Врати се горе ↑