9 март, 2015

Сем Смит и Џон Леџенд со дуетска верзија на „Lay Me Down“

Сем Смит и Џон Леџенд снимија дуетска верзија на актуелниот сингл Lay Me Down, кој популарниот британски пејач го смести на своето мошне успешно првенче „In The Lonely Hour“, објавено во мај минатата година. Добитникот на 4 Греми награди и американскиот музичар, кој за темата „Glory“ од филмот „Селма“ ги доби престижните награди Оскар и Златен глобус, ги здружија силите во оваа прекрасна балада, која е наменета за хуманитарната кампања на британската организација „Комик рилиф“ (Comic Relief), а сите собрани средства од продажбата на синглот ќе бидат наменети за хуманитарната организација и нејзините цели.

„’Lay Me Down’ има посебно место во моето срце. Не само што ја изведов на доделувањето на БРИТ наградите, туку ќе ја изведам и на ’Денот на црвениот нос’ (Red Nose Day) со ектремно талентираниот Џон Леџенд. Неодамна посетив еден проект во моето родно место, којшто е финансиран од ’Комик рилиф’ и ги поддржува правата на младата ЛГБТ заедница во Лондон. Многу сум горд што мојот сингл ќе помогне да се соберат средства за овој и други слични проекти во Велика Британија и ширум Африка“, изјави пејачот.

Леџенд, пак, додаде: „Сем е многу талентиран уметник. Ми беше огромно задоволство што соработував со него, особено за една толку прекрасна песна и за одлична кауза.“

Фотографија: Officialcharts.com

„Комик рилиф“ е британска хуманитарна организација, основана во 1985 година од страна на сценаристот Ричард Кертис и комичарот Лени Хенри, како одговор на гладот во Етиопија. Една од најзначајните манифестации на организацијата е „Ден на црвениот нос“ (Red Nose Day), која се одржува на секои 2 години. Познатите музичари редовно го поддржуваат овој проект и со хуманитарни синглови, а за оваа цел досега запеале Клиф Ричард, „Бананарама“, „Рајт сед Фред“, Шер, Ерик Клептон, „Спајс грлс“, „Бојзоун“, „Вестлајф“, „Грлс алауд“, „Шугабејбс“, „Уан дајрекшн“ и други.

 



Врати се горе ↑