Свет grammy-awards-2015-500px

26 јануари, 2015

Сем Смит, Џон Леџенд, Ашер и Фарел на доделувањето на Греми наградите

Уште 2 недели нè делат од 57. доделување на Греми наградите, а на веќе најавените изведувачи „Еј-си-ди-си“, Крис Чрч, Аријана Гранде, Мадона и Ед Ширан, на сцената во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес ќе настапат и Комон со Џон Леџенд, кои ќе ја отпеат со Златен глобус наградената тема „Glory“, која доби и номинација за Оскар, потоа кантри ѕвездата Миранда Ламберт, осумкратниот добитник на Греми награда – Ашер, како и уметниците со најголем број номинации годинава, Сем Смит и Фарел Вилијамс.

Двократниот добитник на Греми награда, Комон е номиниран во категоријата „Најдобра рап/отпеана соработка“ за темата „Blak Majik“ со Џене Ајко, а неговиот албум „Nobody’s Smiling“ ќе се бори за титулата „Најдобар рап албум“.

 

Ламберт, пак, е во трка за 4 статуетки во категориите „Најдобра кантри соло изведба“ и „Најдобра кантри песна“ за „Automatic“, „Најдобра изведба на кантри дуо/група“ за „Somethin’ Bad“ со Кери Андервуд, а нејзиното издание „Platinum“ е во трка за „Најдобар кантри албум“.

 

Сопственикот на 9 Греми награди, Леџенд има две номинации; баладата „All Of Me (Live)“ е во трка за „Најдобра поп соло изведба“, а темата „Bound 2 на Канје е номинирана за „Најдобра рап песна“.

 

За прв пат на Греми сцената ќе настапи британската ѕвезда Сем Смит, кој годинава предводи со 6 номинации меѓу кои „Снимка на годината“, „Песна на годината“ и „Најдобра поп соло изведба“ за хитот „Stay With Me (Darkchild Version)“, потоа „Албум на годината“ и „Најдобар поп вокален албум“ за неговото првенче „In The Lonely Hour“ и, секако, „Најдобар нов уметник“.

 

Шест номинации има и седумкратниот добитник на Греми награди, Фарел Вилијамс, чие издание „GIRL“ е номинирано за „Албум на годината“ и „Најдобар урбан современ албум“, хитот „Happy“ е во трка за „Најдобра поп соло изведба“ и „Најдобрар видео запис“, а како продуцент е номиниран за албумите „Beyoncé“ на Бијонсе и „Х“ на Ед Ширан.

 

Ашер годинава е во трка за четири награди и тоа по две во категориите „Најдобра ар-ен-би изведба“ и „Најдобра ар-ен-би песна“ за New Flame (со Крис Браун и Рик Рос) и за „Good Kisser“.

Престижните награди Греми годинава по 57. пат ќе бидат доделени на 8 февруари во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес, a домаќин на манифестацијата и овој пат ќе биде познатиот музичар Ел Ел Кул Џеј.



Врати се горе ↑