Свет sb-pol-ac

25 октомври, 2014

Сем Бејли најави реиздание на деби албумот со три божиќни песни

Минатогодишната победничка на јубилејната 10-та сезона на британскиот „Х Фактор, Сем Бејли најави реиздание на својот деби албум „The Power Of Love“, кој го објави во март годинава. Изданието дебитираше на првото место на албумската листа и стана најбрзо продаваниот албум за 2013 година, но доби и малку лоши критики со оглед на тоа што не содржеше доволно авторски материјал, односно поголемиот дел од песните беа преработки на други песни изведени за време на натпреварот.

Како и да е, 37-годишната пејачка, чиј прв сингл минатата година дебитираше на првото место на божиќната сингл листа во Велика Британија, и годинава ќе се обиде да го повтори успехот во најубавиот период од годината, но овој пат со соодветни празнични песни. Имено, реизданието на деби албумот кое ќе биде објавено на 1 декември, ќе биде збогатено со 5 нови песни, меѓу кои и божиќните „Silent Night“, „O Holy Night“ и „Please Come Home For Christmas“, како и алтернативна верзија на нејзината оригинална песна „Treasure“ и преработка на темата „With You“, од мјузиклот „Ghost“.

Поранешната чуварка во затвор, која излезе од анонимноста благодарение на учеството во „Х Фактор“, своето патешествие ќе го опише во претстојната автобиографија „Daring To Dream“, која би требало да биде објавена во ноември годинава: „Минатата година ми беше навистина неверојатна! Се чувствувам толку среќна, возбудена и привилегирана што сето тоа можам да го споделам со сите.“, изјавила пејачката за „Дигитал спај“.

Во продолжение потсетете се на првата оригинална песна на „британската Селин Дион“, темата насловена  „Compass“.

И.Ј.

Извор: Дигитал спај



Врати се горе ↑