Видео

5 април, 2019

Селин Дион со нов звук го најави новиот албум „Courage“

Канадската дива Селин Дион го најави својот 12. студиски албум на англиски јазик кој ќе го носи насловот „Courage“ и е закажан за ноември годинава, а новиот материјал ќе го промовира со истоимената светска турнеја што ќе започне во септември. Воведот во ова ново поглавје од повеќедецениската кариера на 51-годишната пејачка стигна во форма на симболично видео насловено „Чао засега, Лас Вегас“, оставајќи ја зад себе резиденцијата во градот на казината и пеејќи го новиот сингл „Flying On My Own“.

„Се чувствувам неверојатно и многу силно, бидејќи знам што има на овој албум, знам што подготвуваме за турнејата и ќе биде најдобро“, изјави некогашната победничка на „Евровизија“ (1988), а откри и дека меѓу соработниците е и австралиската хитмејкерка Сиа. „Нема да биде шокантен албум што ќе ги зачуди луѓето. Моето патување и еволуција во музиката е да доловам различна есенција, а не да станам друга личност. Тоа што е направено – направено е, и секогаш ќе биде дел од мојот репертоар, но во ред е да се пробаат нови работи. Мислам дека ќе биде еден од највозбудливите албуми што ги снимила досега, многу сум горда на сработеното и мислам дека турнејата ќе го прикаже сето тоа“, дополни таа.

„Имав мошне тешки периоди во мојот живот, но некако успевав да пронајдам начин да бидам силна, да најдам храброст и да продолжам понатаму. Луѓето што ги сакам беа постојано покрај мене и ми дадоа толку многу сила. И тогаш се појави песна насловена ’Courage’ (Храброст), па не ни требаше долго време за да речеме дека тоа е тоа – албумот ќе се вика ’Храброст’“, објасни пејачката, која речиси истовремено ги загуби сопругот и братот.

Како што споменавме, истоимената светска турнеја ќе започне на 18 септември во Квебек Сити во родната Канада, а во рамките на северноамериканскиот дел од турнејата ќе одржи вкупно 55 концерти (низ Канада и САД), додека допрва се очекуваат датумите за Европа и останатиот дел од светот. Како изгледа и звучи воведот во новата „Храброст“ на Селин Дион дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑