Видео

22 мај, 2019

Селин Дион и Џејмс Корден со „Караоке во автомобил“ низ Лас Вегас

Селин Дион наскоро ќе ја заврши резиденцијата во Лас Вегас и ќе започне со промоција на претстојниот албум и светска турнеја насловени „Courage“. 51-годишната канадска дива со новиот материјал ќе претстави нова верзија од себе, односно ќе ја слушнеме во малку поинакво издание од она што сме навикнале во изминативе неколку децении.

По тој повод, пејачката гостуваше во популарното „Караоке во автомобил“ и со домаќинот Џејмс Корден распеано се возеа низ градот на казината, каде што неодамна се сретна и со нашата Оливера Ѓоргоска.

Освен што отпеаја дел од нејзините најголеми хитови, Селин и Џејмс ја „одиграа“ и познатата сцена од филмот „Титаник“, изведувајќи ја оскаровската „My Heart Will Go On“, а на случајните минувачи по улиците им подари неколку чифта од речиси десетилјадната колекција со потпетици.

Инаку, „Courage“ ќе биде 12. студиски албум на англиски јазик и ќе пристигне во ноември годинава, а допрва се очекува и првиот официјален сингл, веројатно темата „Flying On My Own“, која можеше да се слушне и во промотивното видео за албумот. Додека очекуваме повеќе информации за новиот проект на Селин Дион, уживајте со одличното „Караоке во автомобил“!



Врати се горе ↑