Видео

12 јуни, 2019

Селин Дион го објави првиот сингл од новиот албум

Селин Дион пред речиси два месеца го најави новото поглавје од својата повеќедецениска кариера, а во видео-најавата симболично насловена Чао засега, Лас Вегас“, 51-годишната дива го означи крајот на резиденцијата во градот на казината и го откри новиот звук. Токму деновиве се одржа и последниот концерт во Вегас, па по тој повод беше и официјално објавен воведниот сингл од претстојното издание – „Flying On My Own“. Станува збор за динамична денс-поп химна што ветува дека албумот „Courage“ ќе биде полн со изненадувања.

„Нема да биде шокантен албум што ќе ги зачуди луѓето. Моето патување и еволуција во музиката е да доловам различна есенција, а не да станам друга личност. Тоа што е направено – направено е, и секогаш ќе биде дел од мојот репертоар, но во ред е да се пробаат нови работи. Мислам дека ќе биде еден од највозбудливите албуми што ги снимила досега, многу сум горда на сработеното и мислам дека турнејата ќе го прикаже сето тоа“, изјави пејачката најавувајќи го новото, 12. по ред студиско издание на англиски јазик, како и дека меѓу соработниците е и австралиската колешка Сиа.

Албумот „Courage“ е закажан за ноември и ќе биде промовиран во рамките на истоимената турнеја што ќе опфати 66 концерти низ САД и родната Канада. Воведниот сингл „Flying On My Own“ стигна со концертно видео од последниот настап во Лас Вегас, а како изгледа и звучи сето тоа, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑