Балкан

14 јуни, 2018

„Секоја ноќ е ист мрак“ за Коља

Српскиот гитарист и пејач Никола Пејаковиќ – Коља го објави видеото за новиот сингл насловен „Сваку ноћ је исти мрак“, како најава за новиот албум „4 прста“, кој на почетокот на летото на цеде ќе го објави промотерската куќа „Лонг плеј“.

„Времињата се менуваат, но проблемите остануваат исти. И секогаш се исти. Мракот е секогаш мрак, злото е секогаш зло. Пред нас е секогаш истата одлука – или вера или вечера. Останатото се нијанси…“, вели Коља за својот нов сингл.

Видеото за оваа песна го режираше Петар Пашиќ, а се снимаше минатата година во познатиот хотел „Бристол“ во Белград, бидејќи, како што вели Коља, „го задржал изгледот и шмекот на некое минато време, има патина и визуелно беше интересен.“

„Сваку ноћ је исти мрак“ е една од само двете теми на новиот албум на кои свири стариот придружен бенд на Коља, „Гробовласници“ (Војо Аралица – гитара, Иван Алексијевиќ – клавир, Дејан Момчиловиќ – тапани, Никола Усановиќ – бас и Дарио Гајиќ – акустична гитара). Останатите 17 песни од албумот „4 прста“ Коља ги сними со бендот во малку поинаква постава, а видеото симболично, преку глетката на заеднички ручек, ја прикажува блискоста што владеела во односот на Коља и „Гробовласниците“.

„Па бендот е заедничка работа. Приказна за еден вид љубов и заедништво преку музиката. Ручекот на маса, како семејство, е добра слика и го објаснува тој однос. Мојот бенд повеќе не го носи името ’Гробовласници’, ниту „Смак белог дугмета’. Ова е релативно нова постава и собрана е околу новиот албум што се вика ’4 прсти’. Така што, ако би се барало ново име, би можеле да се наречеме Коља и 4 прста“, вели Коља.

Првиот настап со новата постава на бендот, Коља ќе го има на 22 јуни на фестивалот „Арсенал“ во Крагуевац.

Фотографии: Маријана Јанковиќ



Врати се горе ↑