Македонија Plakat-mkd

16 јули, 2014

„Седум песни од светлина и прав“ – концерт на Нацоски во Италија

Под името „Седум песни од светлина и прав” македонскиот тенор Благој Нацоски синоќа одржа концерт во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре (вила Дурацо) во Џенова, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставување на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Италијанската Република. Во својство на Амбасадор на Културата на Македонија тој е и коорганизатор на концертот кој е дел од програмата за меѓународна афирмација на Министерството за Култура за 2014 година. Иако официјално Италија ја призна независноста на РМ во 1993, италијанската амбасада во Скопје е отворена во 1994 година. Периодот на одржување на концертот е неслучајно избран токму овој месец, односно на почетокот на италијанското претседателство со Европската Комисија.

Нацоски за овој настан нарача да се напише и специјално дело од композиторот Анџело Инглезе, на стихови од Никола Маџиров. Се работи за циклус од седум песни на Маџиров, претворени во музика и тоа за камерен состав: два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано. Циклусот кој трае триесетина минути беше изведен, се разбира, на македонски јазик, и е наречен токму „Седум песни од светлина и прав”. Во останатиот дел од програмата беа изведени и италијански дела од дваесетиот век, како и македонски дела од Прокопиев, Фирфов и Зографски (по повод 80год. од неговото раѓање). Македонските дела ги изведоа гости на Нацоски, а настапија Адријана Јоција – сопран, Луиџи Скифано – контратенор, Елена Бакјарело – кларинет, Константин Чобану – виолина, Џакомо Бјаџи – виолончело и самиот композитор Анџело Инглезе на пијано. Концертот беше најавен и на националната ТВ Раи 3 каде гостуваше нашиот тенор.

Всушност ова е второ дело на Анџело Инглезе поврзано со Македонија, првото тој го напиша во 2011 година, по повод Св. Кирил и Методиј, и беше изведено од Благој Нацоски, Ана и Олег Кондратенко и Алесандро Д’Агостини во Римскиот Пантеон на 24 мај во присуство на македонска делегација предводена од Претседателот Георге Иванов. Инглезе е композитор и диригент, кој своето образование го има стекнато на конзерваториумите во Бари и Париз. Има богато творештво а е основач и воедно уметнички директор на Меѓународниот Натпревар по сакрална музика „Бенедикт 16ти” во Рим, односно под покровителство на Ватикан. Неговата прва опера „Продавница за соништа“ ја имаше и својата светска премиера во Театарот Петруцели во Бари под негово диригентство во мај 2014.

Како што ветив пред неколку дека барем еднаш годишно ќе одржувам концерт во Италија или во други земји изведувајќи македонски автори, а овој концерт има и два новитета. Имено, ќе се изведе дело на македонски јазик, но од странски автор, и вториот новитет е што македонските арии ќе ги пеат мои колеги Италијанци. Во македонскиот дел од програмата неслучајно ставив и дело од Томислав Зографски, како еден омаж кон него по повод 80-годишнината од неговото раѓање. Го избрав регионот Лигурија овој пат, односно Џенова, поради фактот што во овој дел на Италија живеат само неколку македонски иселеници и малку се знае за Македонија, а градот претставува едно од најважните пристаништа во Европа и е крстосница на многу туристи, но и изобилува со културна традиција“, изјави Нацоски за овој концерт.

По овој концерт Нацоски ја продолжува својата меѓународна солистичка активност со доста набиена агенда. Најпрвин кон крајот во август ќе дебитира во Прага, по што ќе следуваат настапи во Бангкок, Пиза, Трст, Токио, Монтевидео, Амстердам.



Врати се горе ↑