Свет pussycat-dolls-reunion-1

10 октомври, 2017

Се враќаат „Пусикет долс“?

Веќе извесно време се шушка дека популарната женска група „Пусикет долс“ планира повторно да се обедини, а судејќи по новоотворената веб страна и профил на Инстаграм, се чини дека гласините се вистинити. Имено, веста прв ја објави британскиот таблоид „Сан“, цитирајќи извор близок до девојките.

„Преговорите за реформирање на групата се во тек веќе неколку години и сега тие конечно најдоа време што им одговара на сите“, открил изворот, додавајќи дека „сè уште се одлучува дали ќе заминат на целосна турнеја или ќе одржат само неколку ексклузивни концерти, но тие се мошне возбудени што ќе бидат повторно заедно“.

Исто така, се чини и дека сите несогласувања се оставени во минатото. „Девојките сметаат дека е вистинско време сè што било да стават зад себе и да ги прослават одличните песни што ги направија. Покрај старите, тие се надеваат дека своите обожаватели ќе ги почестат и со нова музика“, заклучил тој.

Оформени во 2003 година од страна на кореографката Робин Ентин, првично како бурлескна танцова трупа, а потоа и како пејачка група, „Пусикет долс“ ја сочинуваа главната вокалистка Никол Шерцингер, Мелоди Торнтон, Каја Џонс, Кармит Бакар, Ешли Роберт, Џесика Сута и Кимберли Вајат. Со светска слава се стекнаа благодарение на деби синглот „Don’t Cha“, по кој следеа и хитовите „Stickwitu“, „Beep“, „Buttons“, „I Don’t Need a Man“, „Wait A Minute“ и други, како и албумите „PCD“ (2005) и „Doll Domination“ (2008).

Заради внатрешни несогласувања, групата конечно се распадна во 2010 година, а единствената членка што забележа поголем успех во самостојната кариера е Никол Шерцингер, која меѓу другото, веќе неколку години е дел од жирито во британскиот „Х фактор“.



Врати се горе ↑