Свет jb

6 ноември, 2014

Сè уште не е погребано телото на Џејмс Браун, тврди неговиот шофер

Иако почина во 2006 година од срцев удар, телото на легендарниот музичар Џејмс Браун сè уште не е соодветно погребано, туку се наоѓа во куќата на неговата ќерка, изјавил неговиот долгогодишен шофер Вилијам Мурел, кој во својата кариера возел бројни ѕвезди како што се Мајкл Џексон, Мери Џеј Блајџ, Крис Рок, Дон Кинг и други. Но, освен што им бил шофер, ги знаел и нивните најголеми тајни, знае и каде се закопани (или не) нивните тела, пишува „Гардијан“.

„Тој е мртов веќе 8 години, но сè уште не е погребан, туку се наоѓа во домот на неговата ќерка“, тврди Мурел, кој 15 години го возел Браун на концерти, ресторани, дури и на доктор. „Телото го мумифицираа за да не се распадне, и тоа по цена од 140 000 долари. Зошто? Бидејќи кога имаш 20 деца и шест жени, тешко е некој да те погреба“.

Вилијам Мурел

Неколку од бројните доживувања и авантури со неговите ѕвездени клиенти, Мурел ги опишал во книгата „365 нешта кои ќе ве замислат – Мудрости од Вилијам“ (365 Things That Make Ya Go Hmmm – Wisdom and Wit by William), а неговиот следен проект е биографија, како и филм „Вилијам“, во кој главната улога би ја играл Џејми Фокс.

„Џејмс Браун ми рече дека треба да бидам во Холивуд, бидејќи кога возам секогаш носам црн костим, бела кошула и црна кравата и бели ракавици, како Мајкл Џексон“, гордо додал тој. Токму неговата компанија за лимузини се погрижила за превозот на Џексон кога одел на „погребот“ на Браун. Кога го сретнал кралот на поп музиката, сметал дека е мошне кул, но не и неговиот блед тен: „Кога го видов во живо ми беше страшен, бојата на неговата кожа беше бела и рацете му беа бели“, додал тој, споредувајќи го неговото тело со „човечки Франкенштајн“.

Мурел се сеќава дека Џексон останал со телото на Браун цел час: „Сакаше да помине некое време со него бидејќи тој му беше учител и ментор“, објаснува шоферот.

Џејмс Браун и Мајкл Џексон во 2003 година

Кога станувало збор за пријателките на Браун, Мурел вели дека пејачот ќе се погрижел за авионскиот превоз, а потоа тој ќе ги пречекал на аеродром. Но, некои од нив не заминувале со насмевка; очигледно дека музичарот не бил толку надарен во интимниот предел: „Точно сте разбрале! Тие дури и се шегуваа со него во врска со тоа, велеа дека има големина на молив“, рекол шоферот, додавајќи дека иако се жалеле, сепак неговите пари и слава им биле поважни.

Меѓу другите спомени на вечно расположениот Мурел е и познатиот музичар Принс, кој имал невообичаен начин да се симне од лимузина: „Сакаше телохранителите да го носат на раце, како бебе. Го земаа од автомобилот и на раце го пренесуваа до соблекувалната.“

Р’н’Б дивата Мери Џеј Блајџ ја опишал како „мила девојка“, која инсистирала да има само женски телохранители, а Крис Рок бил урнебесно смешен. Но, како најнепристоен го опишал Боби Браун: „Беше толку непристоен и груб. И редовно ’напушен’. Не беше груб со мене, туку во начинот на кој се однесуваше со луѓето и во разговорите на телефон, како што тоа го правеше со Витни (Хјустон). Беше многу груб со неа.“

Сепак, има и некои работи кои не може да ги каже: „Тоа е како што велат, што се случува во Вегас, останува во Вегас“, заклучил Мурел.

 



Врати се горе ↑