Галерија 10733824_10153267027316141_8991902467205473051_o (1)

6 јули, 2015

Се сними филмска авантура за деца

Во периодот од 26 јуни до 3 јули 2015 на падините на планината Китка и на неколку други локации се снимаше македонската филмска авантура за деца под името „Потрага по загубеното богатство“. Овој филм е според сценарио и режија на м-р Кузман Кузмановски, а во продукција на продукцијата „Аурипигмент“ од Скопје и Детскиот Креативен Центар „Тинтири – Минтири“. Главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Билјана Јовановска и Владо Дојчиновски, како и десет деца членови на „Тинтири – Минтири“ од цела Македонија. Директор на фотографија е снимателот Кирил Шентевски.

„За седум дена интензивно снимање успеавме да завршиме. Морам да нагласам дека децата актери во овој филм заслужуваат пофалба, бидејќи за нив ова е голем напор, како физички, така и ментален и тие дадоа сè од себе. Практично го дадоа својот максимум. Мислам дека снимивме одличен материјал и дека филмот ќе биде многу интересен за сите деца“, вели Кузмановски, режисер на филмот.

Филмот, кој се снимаше летово, според жанрот е авантура / комедија. Снимањето беше организирано во рамките на филмскот камп за деца во с. Градовце, општина Зелениково, кој немаше да се одржи доколку ја немаше поддршката од „Виталиа“, која обезбеди здрави оброци за децата. Освен тоа што учествуваа во снимањето како актери, децата имаа можност да се стекнат со основни знаења околу тоа што е филмски кадар и план, какви ракурси постојат и многу други работи.

„Уште еднаш ни се потврди фактот дека ако нешто работиш со љубов, напорот не го чувствуваш, а финалниот производ е максимален“, вели Кузмановски.

Повеќе информации за активностите на КЦ „Тинтири – Минтири“ можете да добиете на контакт телефоните 078 44 75 27, 078 301 551 и 078 30 21 61 или на адресата kc.tintirimintiri@gmail.com и веб-сајт tintirimintiri.mk.



Врати се горе ↑