Видео IMG_1893 - Copy

17 април, 2015

Се појави нова „Флека“ на музичката сцена (фото и видео)

Вчера вечер во МКЦ, кино Фросина се оддржа концертната промоција на „Флека“, убаво освежување на македонската музичка сцена. Новата флека во градот е всушност новиот бенд на Тони Зен составен од 11-те најдобри музичари кај нас. Тони Зен – вокал, Сиги – вокал, Нино Васков – вокал и гитара, Борче Кузмановски – клавијатури, Благоја Антовски – тапани, Гоги Полизов – бас, Анета и Гена Качуркова – придружни вокали, Александар Николовски – труба, Борислав Веселинов – саксофон, Филип Стевановски – тромбон, а продукцијата која што стои позади овој проект е „Стерео рекордс“.

Фанк, џез, соул, блуз и хип-хоп е музичкиот правец на оваа група која ќе започне да ја пишува новата приказна со врвни музички перформанси и хитови. На концертната промоција во живо се изведуваа некои од најпопуларните хитови од претходниот албум на Тони Зен, „Микро Скопски Организам“, но во поинаков стил и правец, со примеси на фанк, џез, блуз, реге и соул елементи. „Совети“, „Под контрола“, „Зошто?“, „Светот е твој“, беа дел од песните кои беа изведени пред присутните, а примамија многу аплаузи, воодушевување и позитивни критики.

„Ова е нашата пресс конференција, ова е нашата концертна промоција на овој бенд составен од 11 музичари. Нов звук во градот, нова квалитетна музика која ја правиме од срце. Верувам дека ова е почеток на нешто ново и поразлично. Го правиме она што најдобро знаеме и умееме, а тоа е да сме на сцена, помеѓу нашата публика, да настапуваме, свириме, музицираме и снимаме нова музика. Ви благодарам на сите Вие кои сте вечерва тука со нас, Ви благодарам што одвоивте време да дојдете и видите што е тоа што ние го правиме“, изјави Тони Зен.

Многу пријатели, новинари, гости и најблиски соработници беа дел од синоќешната концертна промоција на „Флека“. Помеѓу пристутните можеа да се забележат Каролина, Дани, Слаткар и Сања, Валентино Скендеровски, Мерт, Милена Антовска, Марина Стојановска, Владимир Митревски – Ѓуле, дел од членовите на „Токсикологија“ кои несебично ја дадоа поддршката за оваа нова музичка група, освежување на сцената кое беше повеќе од потребно.

Од „Флека“ најавуваат синглови, нови хитови и албум. Сето она кое публиката ќе има можност да го слушне од нив е производ на долгогодишно искуство и правење на музика со љубов. Во продолжение погледнете ја галеријата со фотографии и неколку видеа од нивниот настап во „Станица 26“. Уживајте!

Следете ги „Флека“ и на Фејсбук



Врати се горе ↑