Свет

14 јуни, 2019

Се подготвува анимиран филм за „Спајс грлс“

Една од најпопуларните женски групи воопшто, некогашната сензација „Спајс грлс“ периодов повторно е актуелна со повратничката турнеја што се одржува низ Обединетото кралство, а сега стигна и веста дека во подготовка е филм за легендарните „зачинети девојки“, кој според некои медиуми ќе биде анимиран.

Имено, иако сè уште не се познати многу детали за филмот, засега се знае дека истиот ќе биде во продукција на компанијата „Парамаунт анимејшн“ (Paramount Animation) и дека би требало да е готов до следната 2020 година, а во неговата подготовка активно учествуваат сите пет членки и нивниот менаџер Сајмон Фулер. Дејството ќе ги покрие сите поважни настани што се случиле за време на кариерата на оваа женска екипа, која зад себе го има и филмот „Зачинет свет“ (Spice World), насловен по вториот албум од 1997 година, а освен познатите хитови, во филмот ќе бидат вклучени и нови песни.

Во рамките на тековната турнеја што ќе кулминира утревечер на стадионот „Вембли“ во Лондон, настапуваат само четирите членки Ема Бантон, Мелани Чисхолм, Мелани Браун и Џери Халивел, а очекувано отсутна е Викторија Бекам, која сепак ветила дека ќе се појави на некој од концертите.

 



Врати се горе ↑