Свет

17 мај, 2019

Се подготвува американска верзија на „Евровизија“

Изборот за песна на Евровизија, или како што најчесто ја нарекуваме само „Евровизија“, е најдолго одржуваниот телевизиски музички фестивал чие 64. издание се одвива токму неделава, но и покрај својата популарност, во изминативе шест децении остана само на стариот континент. Интересот за учество на земји од другите делови на светот е сè поголем, а доказ за тоа е и најновата членка Австралија, која се придружи во натпреварот во неговото јубилејно 60. издание во 2015 година.

Фестивалот е мошне популарен и во Азија, па уште пред две години беше најавена и азиско-пацифичка верзија за која досега се пријавени 17 земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати. Сепак, засега сè уште нема официјална потврда за оваа верзија на фестивалот, но затоа веќе во 2021 се очекува за започне во Северна Америка, поточно во САД.

Имено, Европската Радиодифузна Унија (ЕБУ) оваа задача им ја довери на група шведски продуценти од компанијата „Брејн академи“, која ја има ексклузивната лиценца за организирање на овој натпревар.

„Покрај спортските натпревари, ’Евровизија’ е најголемото телевизиско шоу на Земјата, кое обединува цел континент и секој може да гласа“, рече Питер Сетман, основач и креативен директор на „Брејн академи“, и додаде дека „едвај чекаат да го претстават овој прекрасен натпревар на најголемиот телевизиски пазар во светот. Гледачите секоја година се сè побројни и сметаме дека сега е вистинскиот момент да го донесеме ова возбудливо шоу пред американската публика.“

Неофицијално лого од обожавател на фестивалот

Оваа северноамериканска верзија на музичкиот фестивал се развива под името „Избор за песна на Америка“ (American Song Contest) и се очекува да започне во 2021 година, потврдија од ЕБУ, а само прашање на време е кога ќе почнеме скратено да ја нарекуваме „Америвизија“, „Амеровизија“ или „Америкавизија“. Како што открија организаторите, фестивалот повеќе ќе наликува на шведскиот „Мелодифестивален“, кој се одвива во текот на неколку недели и на повеќе локации, наместо во една недела како што е „Евровизија“, што е и логично ако се земе предвид фактот дека САД има 50 држави и 5 поголеми територии.

Со текот на времето, не би нè изненадило ако им се придружи и Канада, па и Мексико и други земји од Централна и Јужна Америка. Подоцна можеби ќе се појави интерес и за „Афровизија“, па на крајот и за „Световизија“… Впрочем, како што гласи и годинешното мото – „Осмели се да сонуваш“!

 



Врати се горе ↑