Македонија DAM_1382-Copy

18 октомври, 2014

Се одржа првиот „Кавер фест“ во Прилеп

Во средата, 15 октомври, во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа првото издание на младинскиот музички фестивал „Кавер фест (Cover Fest)“, во организација на Асоцијацијата за уметност и култура на деца и млади „Креативити“, на кое настапија 14 учесници на возраст од 14-21 година. Секој од нив настапи со две композиции и тоа една по сопствен избор (на матрица), а другата во живо (заедно со други 2-3 учесници) во придружба на клавир и гитара. За најдобрите гласаше публиката и жири комисијата, така што беа изгласани две први, две втори и две трети места. Главната награда за двете први места е авторска песна, односно за првонаградениот од жирито авторска песна од Игор Џамбазов, а првонаградениот од публиката ќе добие авторска песна од Душко Темелкоски и Рубин Димкоски. Наградите за второ и трето место се снимање на песна по избор (преработка) во музичко студио.

Жирито ги награди Ангела Ѓуричанин (прво место), Теодора Зероска (второ место) и Озген Сулејманоски (трето место). За првото место публиката се согласи со жирито избирајќи ја Ангела Ѓуричанин, второто место му го додели на Марио Ангелески, а третото на Михаела Пееска. Награда за афирмација на музички вредности доби прилепскиот рок бенд „Д хаундс“, кои беа и специјални гости на манифестацијата. Оваа награда е предвидено да се доделува на сите наредни години.

Галеријата со фотографии од настанот можете да ја разгледате на „Шеталиште“.

Сите учесници заедно во студио снимија една светски позната песна, а тоа е со Греми наградената „We Are The World“, која Мајкл Џексон и Лајонел Ричи заедно со Квинси Џонс и Мајкл Омаршан ја напишаа во 1984 година за хуманитарната кампања „САД за Африка“. Оригиналната верзија, покрај Џексон и Ричи, ја отпеаја и бројни музички ѕвезди како што се Дајана Рос, Тина Тарнер, Синди Лопер, Стиви Вондер, Кени Роџерс, Брус Спригнстин, Били Џоел, Реј Чарлс и други. Како звучи одличната заедничка изведба на оваа песна од учесниците на „Кавер фест“, снимена во студиото „Ар мјузик (R Music)“, можете да слушнете во продолжение.

Насловна фотографија: Шеталиште.ком.мк



Врати се горе ↑