Настани

12 јули, 2017

Сè е подготвено за најголемото издание на „Д фестивал“!

Во петок (14 јули) официјално почнува седмото издание на Д ФЕСТИВАЛ – единствената фестивалска авантура во Македонија која годинава чекори кон своето најголемо и најмасовно издание досега! Потврдата за ова стигнува на неколку дена пред одржувањето на фестивалот со најголемиот интерес досега кој резултираше со рекордната претпродажба од постоењето на фестивалот и со веќе целосно распродаден и исполнет капацитет на фестивалкиот камп, дури и по неговото дополнително проширување од првично предвидениот капацитет! Маратонската тридневна музичка програма, атрактивните имиња на стотиците учесници, реакциите и интересот на публиката, огромниот број на специјални гости во дополнителната програма се само дел од фактите кои говорат дека пред нас е највозбудливото издание досега и дека за време на Д ФЕСТИВАЛ од 14 до 16 јули, Дојран ќе биде најпосакувана дестинација во Македонија.

Во продажба остануваат тридневните и еднодневните влезници кои овозможуваат пристап до комплетната програма на фестивалот за соодветниот период, без опција за кампување на фестивалот. Актуелната промотивна цена на тридневните влезници кои чинат 600 денари ќе важи САМО ДО УТРЕ, ЧЕТВРТОК ДО ПОЛНОЌ! По овој рок, нивната продажба ќе продолжи за време на одржувањето на фестивалот по полната цена: 800 денари. Еднодневните влезници, за било кој ден од фестивалот чинат 300 денари. Сите информации за билетите се достапни на овој линк.

Д ФЕСТИВАЛ кај нас е единствениот летен музички фестивал во вистинското значење на зборот, а како таков и уникатно случување во кое магичната атмосфера ја создаваат пред сѐ посетителите. Неговата суштина можете да ја доловите само кога фестивалот ќе го доживеете во целост, со престој во фестивалскиот камп, а неговата целосна исполнетост годинава ветува дека овој јули Дојран ќе го преплавиме со убавини!

ОДЛИЧНА МУЗИЧКА ПРОГРАМА НА 5 ФЕСТИВАЛСКИ БИНИ!
Новото и незаборавно фестивалско лето годинава го создаваме со едно од најсилните програмски изданија досега! За време на трите дена и ноќи на Д ФЕСТИВАЛ ќе настапат АРХАНГЕЛ, РУДИМЕНТАЛ, РОНИ САЈЗ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД, ТЕРАКАФТ, ЕГОРИТМИЈА, С.А.Р.С., СИНИСТЕР, СТРИНГ ФОРСЕС, ДА ЏАКА НАКОТ и уште многу други за вкупнонад 50 музички артисти на петте фестивалски бини во Дојран! Главната бина, Mosquito, LakeAwake, Church и Браво Дојран бините, заедно со ПлоштАРТ, Camp Ground, Активниот Саем и секако фестивалскиот камп кој ќе биде отворен до 13 до 17 јули, само го потврдуваат атрактивниот концепт на вистинското фестивалско летување!

Распоред и саатници на МУЗИЧКА ПРОГРАМА

ПОВЕЌЕ ОД 200 СПЕЦИЈАЛНИ ГОСТИ ЗА МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД САМО МУЗИКА!
Во вистинското значење на фестивалскиот дух и концепт, музиката е најважна, но музиката не е сè! Како единствено доживување кое на најдобар начин ги промовира позитивните вредности и пораката за слобода, љубов, единство и рамноправност, овој концепт во целост го пренесува и Д ФЕСТИВАЛ кој покрај музичките изведувачи во својата програма вклучува и плејада учесници и специјални гости, собирајќи ги во уникатното креативно здружување! Во оваа заедничка мисија на Д ФЕСТИВАЛ учествуваатстотици уметници, дизајнери, креативни работници, културни здруженија, музичари, активисти, волонтери и фестивали кои доаѓаат како специјални гости!  Овој дел од програмата ќе се одвива во посебно уредените зони, фестивалскиот плоштад на уметноста „ПлоштАРТ“ и „Активниот Саем“ кои ќе бидат епицентар на општествените активности на Д ФЕСТИВАЛ, со бројни случувања, панел дискусии, филмски проекции, работилници, предавања, рекреативни активности, натпревари, изложби, арт-инсталации, гејминг-зона, мултимедиумски презентации и многу други содржини со кои за време на трите фестивалски дена заедно ќе создадеме своевиден фестивалски град на вредностите кои ги промовира „Д фестивал“ и место за размена на идеи, мислења, ставови, креативни енергии, дијалог и креирање.

ПРОГРАМА ВО ПЛОШТАРТ зоната 

Програма за ИЗЛОЖБИ и уметнички активности

Програма за РЕКРЕАТИВНИ СОДРЖИНИ

Програма за ДЕБАТИ, РАБОТИЛНИЦИ и ГРАЃАНСКИ ЗДРУЖЕНИЈА

Програма за КИНО ПРОЕКЦИИ 

Програмата во „ПлоштАРТ“ и Активниот саем на Д ФЕСТИВАЛ 2017 е реализирана со поддршка на Цивика мобилитас (Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ.)

БЕЛГРАДСКИОТ УМЕТНИЧКИ ФЕСТИВАЛ „ДЕВЕТ“ ГОСТУВА НА Д ФЕСТИВАЛ!
Покрај фестивалите од Македонија, како Македокс, Дримон, Паратисима Скопје и други кои на Д ФЕСТИВАЛ доаѓаат да ни пренесат дел од својата атмосфера, годинава во овој дел ни се приклучува и белградскиот уметнички фестивал DEV9T. Замислен како уметничка колонија која ги собира сите оние кои ја знаат вредноста на културата, овој уметнички фестивал се одржува во Белград под слоганот „создавај понатаму“. DEV9T се бори за опстанок на културата бидејќи таа е природен хабитат на секое битие и доколку не ја сочуваме, ќе се претвориме во загрозен вид кој не е свесен за целта на своето постоење. Со фасцинантните уметнички дела и инсталации, оваа уметничка колонија водено патува како специјален гостин и го оплеменува просторот на најголемите фестивали во регионот, па по ЕГЗИТ во Нови Сад, следен домаќин на DEV9T ќе биде токму Д ФЕСТИВАЛ во Дојран!

ФЕСТИВАЛСКИОТ КАМП ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА СВОИТЕ ПОСЕТИТЕЛИ ВЕЌЕ УТРЕ!
Пред нас е рекордното издание на Д ФЕСТИВАЛ од постоењето на фестивалот, а тоа значи и најголемиот фестивалски камп кој досега сме го имале кај нас! Овој факт добива дополнително значење и радува имајќи предвид дека токму фестивалскиот камп е најдобриот начин да бидете дел од вистинската и комплетна фестивалска атмосфера на Д ФЕСТИВАЛ: да ги дочекате утрата со сончевите зраци, да бидете најблиску до концертниот простор, да уживате во Дојранското Езеро и прекрасната плажа лоцирана веднаш до кампот, да стекнете нови пријателства и да другарувате со илјадниците млади луѓе на фестивалот!

Кампот на „Д фестивал“ ги отвора вратите за своите посетители ден пред официјалниот почеток на Фестивалот односно веќе утре (четврток, 13 јули) на пладне! Од утре (четврток, 13 јули) ќе бидат отворени и билетарниците на фестивалските влезови, како и заменските места на кои сите посетители треба да ги заменат своите влезници за задолжителните фестивалски нараквици со кои им е овозможен влез на фестивалот. Првиот пункт за оваа намена се наоѓа пред влезот на фестивалскиот камп, во Стар Дојран и ќе работи од 10.00 до 00.00 часот во четврток, петок и сабота; а од 12.00 до 19.00 во недела. Второто зманеско место се наоѓа кај влезот на Главната Бина, кај Паркинг Гранит и ќе работи од 19.00 до 03.00 часот во петок и сабота; а од 19.00 до 01.00 во недела.

ПРАВИЛА И ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КАМПОТ НА Д ФЕСТИВАЛ

Време е за радост! Се гледаме на Д ФЕСТИВАЛ!



Врати се горе ↑