Македонија 14907577_197872567324086_8525412205400792273_n

10 јануари, 2017

Се ближи финалето на „Кастинг талент шоу“

Полека се приближува крајот на музичкиот проект „Кастинг талент шоу“, во чии рамки се одбираат музичко-сценски таленти што ќе ги играат улогите во првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, посветен на легендарниот Тоше Проески. Во организација на Македонската опера и балет, во соработка со „3Д продукција“ и телевизија „Канал 5“, проектот започна да се емитува кон крајот на ноември, а во изминатите нешто повеќе од месец дена публиката ги следеше аудициите на најнадежните од околу 500 пријавени кандидати.

Жирито составено од Игор Дурловски, Игор Џамбазов и Сара Мејс одлучи да им даде втора шанса на само стотина од нив, а за неколку дена нè очекуваат и полуфиналните и финалните вечери, кои ќе бидат пренесувани во живо од Македонскиот народен театар.

ktsh

Двете полуфинални вечери ќе се одржат в недела и понеделник, 15 и 16 јануари, а финалните вечери се закажани за следниот викенд, односно 21 и 22 јануари. За сите што сакаат во живо да ги бодрат своите фаворити, билетите се веќе во продажба во билетарницата на МНТ по цена од 200 денари.

Доколку сте пропуштиле некоја од досегашните епизоди, снимки од сите аудиции од неодамна (конечно) се достапни на официјалниот канал на „Кастинг талент шоу“ на Јутјуб, како и на официјалната страница на Фејсбук.



Врати се горе ↑