За Вас IMG_7272

18 февруари, 2015

СЦ „Борис Трајковски“ и НУ Драмски Театар – Скопје ќе ги соединат спортот и културата

Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ и НУ Драмски Театар – Скопје ќе започнат взаемна соработка. На уникатен начин ќе ги соединат спортот и културата, давајќи голем акцент на сите оние кои го сакаат спортот и оние кои уживат во културата. Оваа соработка ќе влијае на подобрувањто на физичката активност, а и ќе го зголеми интересот за што повеќе спортување и здрав живот, што е една од главните цели на СЦ „Борис Трајковски“.

„Како Директор на СЦ ’Борис Трајковски’, ми претставува задоволство што денеска ја претставуваме заедничката соработка помеѓу спортскиот центар ’Борис Трајковски’ и НУ Драмски Театар- Скопје. Горди сме за ова убаво и уникатно партнерство затоа што границите на овие институции се прошируваат и интересите се зголемуваат. Ова е одлична иницијатива за соединување на корисниците на две врвни институции, кои ќе имаат можност да ги поврзат спортувањето и уметноста. Посетителите на НУ Драмски Театар – Скопје ќе можат да добијат попуст на услугите на дел од капацитетите на спортскиот центар, како фитнес центар, кугланата, аеробик и пинг понг центарот и пливачкиот базен”, изјави Златко Перински, директор на СЦ „Борис Трајковски“.

„Драго ми е што спортот и културата ќе се соединат на интересен начин. Љубителите на уметноста ќе можат да спортуват, а спортистите и рекреативците ќе можат да го следат репертоарот претстави на НУ Драмски Театар – Скопје. Корисниците на услугите во СЦ ’Борис Трајковски’ ќе имаат попуст на билетите за претставите кои се на репертоарот, што е прва соработка од овој вид во Република Македонија“, изјави Роберт Вељановски, директор на НУ Драмски театар – Скопје.

Ова е голем чекор за сите љубители на спортот и културата, кон унапредување на спортската култура, но и внимателно следење на последните уметнички достигнувања. Како најголем спортски комплекс во државата, СЦ „Борис Трајковски“ има должност да продолжи со промоција на спортот и доближување на здравиот начин на живот до граѓаните – аспект кој е опфатен и со овие иновативни мерки кои се инспирирани од граѓаните и ги следат нивните потреби и интереси.



Врати се горе ↑