6 јуни, 2018

„Саунд-еџ“ започнуваат ново поглавје со „Знај“

Скопскиот алтернативен рок-бенд „Саунд-еџ“ (SoundEdge) деновиве го претстави својот нов сингл насловен „Знај“, со кој екипата започнува ново поглавје, истражувајќи нов звук и нова концепција што ќе биде пренесена на претстојниот, втор по ред студиски албум „SoundEdge Volume 2“.

Песната е снимена и миксана во студиото „Саунд еџ“, а мастерингот е направен во шведското студио „Декси мастеринг“ (DEXY Mastering). Новата вокалистка на бендот, Валери Димовска одлично ја доловува емоцијата на песната, а сето тоа визуелно спакувано од страна на Петар Милиќ можете да го видите и слушнете горе.

Фотографија на SoundEdge Skopje.

Само за потсетување, „Саунд-еџ“ како проект е оформен во 2014 година, од страна на Симеон Спировски и Александар Лазаровски. Две години подоцна, во студиото „До-ре-ми“ го снимија првенчето насловено SoundEdge Volume 1“, на кое вокалите ги сними Јана Гигова.

„Отвораме еден нов простор за спојување на музички изрази од некои минати значајни времиња и тоа што денес претставува актуелна современа музика. Таа спојува луѓе, креативност, стихови и секогаш е ’на работ’ – некаде помеѓу, со цел да биде различна и урбана, за да биде прифатлива без разлика дали ќе се вика рок или поп или само музика“, вака музичарите го опишаа своето музичко творештво, а судејќи по новиот сингл, нè очекува уште едно одлично музичко патување со „SoundEdge Volume 2“.



Врати се горе ↑