17 декември, 2018

„Саунд-еџ“ на 6. издание на компилацијата „Balkan Under The Radar“

Темата „Не е цела вистина“ од македонскиот рок-бенд „Саунд-еџ“ се најде на шестото издание на компилацијата „Balkan Under The Radar, која секоја година ја објавува спрската независна куќа „Блек планет“ (Black Planet).

Станува збор за уште една колекција од „Црната планета“, овој пат насловена „Black Box“, чија цел е откривање на интересни имиња претежно од Србија, но и од останатите земји од Балканот, заедно со резидентите и пријателите на оваа издавачка куќа, која успева да го обедини подземјето од речиси сите поранешни југословенски републики. Поголемиот дел од песните се направени специјално за оваа компилација, а сите не се претходно официјално објавени.

Овој пат компилацијата се состои од две целини со 29 теми од изведувачи од целиот регион. Првиот диск е посветен на свиречките и електронски алтернативни проекти со вокали, додека вториот е посветен на експерименталната инструментална музика и електроника, а содржи нојз, експериментални и „spoken word“, односно зборувани дела. Што се однесува на застапеноста на правци, и овој пат дијапазонот е широк, така што може да се слушне: алтернатива, електроника стоунер, индустријал, амбиент, драм-ен-бејс, нојз, џез-фанк, хип-хоп, фјужн, експериментал и тн. Новитет годинава е и малиот литерарен додаток сокриен меѓу песните. Обвивката ја дизајнираше Јован Шпира Обрадовиќ.

Компилацијата е достапна за бесплатно слушање и преземање од овде или овде, а доколку ги пропуштивте претходните изданија (1-5), истите ќе ги најдете овде.

 

 



Врати се горе ↑