Видео

24 јули, 2019

Сара Мејс допира до срцето со „Бакар боја“

Сара Мејс неодамна се врати на музичката сцена со новиот сингл „Копито“, како најава за претстојниот проект „Femme Fatale“, што ќе го наследи одличниот „Floating Through Spase With Sarah Mace“, а денеска нè почести со уште една одлична тема насловена „Бакар боја“.

Станува збор за нејзино авторско дело, во кое освен што пее, свири и на нејзиниот инструмент харфа, а ја придружуваат колегите Драган Теодосиевски на тапани, Симеон Ангеловски на бас-гитара и Теона Јованоска како придружна вокалистка, а сето тоа визуелно го доловија Стефан Рајхл, Петар Аврамоски, Филип Ѓорѓиоски и Антон Лазаревски. 

„Бакар боја“ е во рамките на проектот „Copper Room Sesions“ на Ивица Јанкуловски и студиото „Алшар“.

„Досега имаме објавено неколку видеа, но со Сара Мејс блескаме. Таа носи толку многу енергија што е тешко да ја избегнеш. Го замисливме овој проект баш како што се гледа во самото видео. Пеење и музика кои излегуваат директно од сите изведувачи и артисти. Нашиот проект нема граници затоа што тимот не застанува. На ист начин ќе ги водиме и сите со кои ќе продуцираме, ќе нема избор за жанрови на музика, ниту пак селекција на познати и непознати артисти, туку чиста и сурова уметничка слобода“, објасни тој, најавувајќи уште многу соработки и гостувања.



Врати се горе ↑