Интервју 386973_469602936406732_1886593780_n

19 ноември, 2012

Сара Маркоска: Би сакала да пеам и на Евровизија

Младата и талентирана пејачка Сара Маркоска ја најдобро ја знаеме кога се натпреваруваше да биде новата М2 ѕвезда, а токму тогаш стана многу популарна освојувајќи ги сите со одличните изведби. Меѓутоа Сара плива во музичките води уште од мали нозе, настапувајќи на детски фестивали и ја претставуваше Македонија на детската Евровизија во 2009 година. Но, нејзиниот најголем успех во досегашната кариера е неодамнешната победа на фестивалот за забавни мелодии МакФест кој веќе 27 години со ред се одржува во градот Штип. Ексклузивно за РадиоМк, Сара ни открива кои се нејзините планови после победата на овој престижен фестивал.

  • Сара, иако си доста млада, полека стануваш значаен дел од македонското музичко небо. Кажи ни нешто за твоите почетоци, како започна целата приказна?

Уште од мала покажував огромна желба за пеење. Во прво одделение се запишав во нижото музичко училиште, каде што одев 6 години. Мојата прва песна и вооедно моето прво учество на фестивал беше на мои 11 години. Сум настапувала на многу фестивали во Македонија, но и во Украина, Бугарија, Шведска и Шпанија. Во 2009 година ја претставував Македонија на Детскиот Евросонг. Потоа следуваше Охридфест, па М2 Потрагата по Ѕвезда и последно Макфест.

  • Од целата твоја досегашна кариера, најголемо искуство имаш со настапи на фестивали и воопшто пеење пред публика. Како се справуваш со тремата?

Не знам како, но успевам да се справам и да ја прикријам тремата, којашто ми е навистина присутна. Многу ми е мило кога луѓето ќе ми кажат дека на сцена изгледам како да немам трема. Едноставно се исклучувам и не мислам на ништо друго, освен да испеам најдобро што можам.

  •  Покрај победата на МакФест, за кои други настапи си била наградена?

На многу детски фестивали, 1-во место на Националниот Детски Евросонг, 1-во место за дебитант на Охридфест и 2-ро место на М2 Потрагата по Ѕвезда.

  • За победничката „После него“ со која настапи на МакФест, соработуваше со Лазар и Магдалена Цветкоски. Како дојде до таа соработка?

И порано сум соработувала со Лазар, и мислам дека е навистина квалитетен композитор. Сакав да учествувам на МакФест и сакав некоја добра балада, па мислев дека Лазар би можел тоа инзвонредно да го направи. Магдалена уште еднаш се покажа за нејзините добри текстови, бидејќи текстот во „После него” е многу реален и допира до луѓето.

  • Кај нас не е реткост фестивалите да ги следат скандали. Многумина навиваа за Тамара, па кога победи твојата композиција, скоро сите беа изненадени вклучувајќи те и тебе. Кои се твоите впечатоци и мислење за сè што се случи за време на фестивалот?

Искрено сум среќна поради мојата победа на фестивалот и тоа што сиот вложен труд во подготовките се исплатеше. Драга ми е наградата за најдобар дебитант, но уште подрага 1-та награда од публиката и многу ми е мило што им се допадна песната. Мојата победа беше неочекувана и проследена со многу реакции, но како што кажавте повеќето од нашите фестивали се проследени со скандали, разни позитивни но и негативни коментари.  Не ги земав при срце негативните коментари и бев подготвена за нив.

  •  Твоите досегашни песни се во поп стил. Каква музика слуша Сара приватно, кои жанрови и артисти ги слушаш најмногу?

Музика слушам во зависност на моето расположение. Некогаш поп, рок, техно, хип хоп, но и класична ако сакам да ме опушти. Ријана, Крис Браун, Кристина Агилера, Бијонсе се едни од артистите коишто најмногу ги слушам, бидејќи навистина ја сакам таа хип хоп, аренби музика.

  • Слушаш ли македонска музика? Имаш ли некои омилени музичари од Македонија и дали би сакала да соработуваш со некој од нашава естрада?

Слушам македонска музика и има навистина добри музичари. Калиопи и Каролина можам да кажам дека навистина ги сметам за врвни артисти, со изграден стил. Отворена сум за соработки и би соработувала со задоволство.

  • Кои три песни ги издвоила за омилени од македонската, балканската и светската музичка сцена?

Имам многу омилени песни, но ете ако морам да издвојам, би ги издвоила „Боже чувај ја од зло“ од Тоше Проески, „Такви као ти“ од Нина Бадриќ  и „With you“ од Крис Браун.

  • Дали мислиш дека македонската забавна музика е под влијание на светските музички трендови? Сметаш ли дека треба да ги следиме, или пак да тежнееме кон креирање на карактеристичен македонски звук?

Мислам дека македонската забавна музика е под влијание на светските музички трендови. Не сметам дека тоа е лошо, но треба да се трудиме и да направиме наша карактеристична македонска музика.

  •  Сè уште си средношколка. Имаш ли музичко образование? Би го продолжила ли високото образование на Факултетот за музичка уметност?

Одев во нижото музичко училиште 6 години. Во седмо одделение завршив, па оттогаш земам приватни часови по пеење. Сè уште не знам дали ќе одам на Факултетот за музичка уметност, имам уште време за да размислам.

  •  Во поглед на музиката, каде се гледаш себеси за 10 години?

Успешен и изграден артист. Се гледам со албуми, барем еден концерт и навистина би било супер и ако ми се исполни желбата и настапувам на Евровизија.

  •  Што можеме следно да очекуваме од тебе? Подготвуваш ли нови песни, можеби албум?

Се подготвуваат нови песни. За албум има време, одам полека но сигурно.

  •  Стои ли позади тебе некоја продукциска куќа во моментов? Имаш ли понуди да станеш

               нечиј ексклузивец?

Не сум во ниедна продуцентска куќа, ќе видиме за понатаму.

  • Сара, ти благодарам за времето што го одвои за нас, ти посакуваме многу успех во понатамошната кариера. За крај, има ли нешто што би сакала да им кажеш или порачаш на нашите читатели?

Ви благодарам и Вам! Би им испратила еден најголем поздрав и би порачала да останат среќни, онакви какви што се.

 Ивона Јанкова



Врати се горе ↑