Концерт image001

17 септември, 2013

Самостоен концерт на неповторливиот Џибони

Еден од најпопуларните пејачи на регионалната музичка сцена Златан Стипишиќ Џибони на 16-ти ноември ќе одржи свој самостоен концерт во Скопје. Овој концерт на Џибони ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“, а е дел од промотивната европска турнеја на неговиот нов албум „20th Century Man“. Во рамките на оваа турнеја со повеќе од 15 закажани настапи и по одличните концерти низ европските метрополи како Берлин, Прага и Виена, Џибони доаѓа и во Скопје.

Неговиот последен албум  „20th Century Man“ е снимен во продукција на британскиот продуцент Енди Рајт, добитник на Греми наградите и познат по соработките со изведувачи како што се Масив Атак, Јуритмикс, Симпл Мајндс, Симпли Ред. Овој албум е прв во неговата кариера кој е снимен на англиски јазик и со тоа пак, особено атрактивен за европскиот пазар. „20th Century Man“, во најголем дел е снимен и продуциран во „Аби Роуд“ студиото во Лондон и на него се наоѓаат осум нови песни на Џибони.  Помеѓу фаворитите од овие песни се истакнуваат најавниот сингл Ain’t Bad Enough For R’n’R, насловната песна 20th Century Man“(која неодамна доби и свое видео издание), баладите „Hide The Mirror и Broken Finger“, и секако песната која го отвора албумот Hey Crow. Токму за оваа песна Џибони сними и видео запис кој го одзема здивот со својата атрактивност и визуелен впечаток, за што е заслужен исклучителниот уметник Зденко Башиќ. 

Џибони е најпопуларниот хрватски пејач во последните петнаесет години и најтиражниот хрватски кантавтор на сите времиња. Ниту еден артист во регионот не бил толку едногласно признаен и наградуван и од критиката и од публиката. Неговите најголеми хитови од самиот почеток на неговата кариера подеднакво се слушани насекаде во регионот. Долга е листата на негови песни кои се познати како евергрини на регионалната сцена, а секоја негова песна носи единствен и уникатен потпис и печат, со кој Џибони, како ретко кој друг артист, го изгради и го зачува сопствениот музички идентитет. Неговата музика, своевиден поп и рок кросовер, со карактеристични елементи на медитеранскиот музички колорит, ја карактеризира единствено и меланхолично чувство, како и интимните и ангажирани текстови.

Публиката секој пат со нестрпливост ги очекува неговите нови албуми и концерти, кои секој пат за неколку скалила повеќе ја издигнуваат границата на успех и квалитет, која тој самиот ја поставува. Токму така ќе биде и со неговиот концерт во Скопје, кој нè очекува на 16-ти ноември во С.Ц. „Борис Трајковски“. Скопје е пред исклучителна можност да го пречека музичарот кој зад себе има богата кариера подолга од 20 години, а покрај сите негови легендарни хитови како „Либар“, „Миракул“, „Не одустајем“, „Темпера“, „Опрости“, публиката ќе има можност да ги чуе и новите песни од албумот „20th Century Man“.

Наскоро ќе бидат објавени и сите детали за продажбата на билетите за овој концерт.

 



Врати се горе ↑