5 септември, 2014

„Само Тони и две жени“ со одлична преработка на „Еј Би Си“

Број 1 хитот со кој се прославија браќата Џексон 5 во 1970 година, и своевидната македонска верзија која во деведесеттите години ја претставија момците од групата „Нокаут“, песната „Еј Би Си“, доби уште една интересна преработка. Станува збор за триото „Само Тони и две жени“, составено од „бендот од еден човек“ Антонио Ристески (само Тони), Христина Стојанова и Марија Докузова, чии интересни и невообичаени интерпретации на познати хитови можат да се слушнат и во живо на нивните гостувања ширум Македонија. Како звучи нивната верзија на оваа позната песна можете да слушнете горе.

Интересен податок за овој безвременски хит е тоа што авторскиот тим од легендарната издавачка куќа „Мотаун“ оваа песна ја направи според докажаната „формула“ за лансирање на нови музички ѕвезди. Имено, првите три сингла на Џексон 5 се всушност една иста мелодија со променет аранжман и различен текст, така што „ABC“, „I Want You Back“ и „The Love You Save“ се во основа една песна, а секоја од нив успеа да се искачи на првото место на тогашните топ листи. Имајќи го предвид овој податок, „Еј Би Си“ од „Нокаут“ и верзијата на „Само Тони и две жени“ е всушност комбинација на „I Want You Back“ и „ABC“.

И.Ј.



Врати се горе ↑