Свет sc-xf

7 февруари, 2014

Сајмон Кауел се враќа во британскиот X Factor

По пауза од три години, творецот на најпопуларниот музички натпревар X Factor, Сајмон Кауел оваа есен повторно ќе биде дел од четиричленото жири на британската верзија од натпреварот. Имено, Кауел беше дел од ова шоу уште од првата сезона во 2003 година, сè до 2010-та кога ја презеде истата улога во американската верзија, а на негово место дојде познатиот британски музичар Гери Барлоу, кој минатата година го напушти натпреварот поради обврските околу новиот албум. „Многу сум среќен што се враќам во британскиот X Factor. Поминаа веќе три години од последниот пат кога судев во овој натпревар и едвај чекам да ја пронајдеме следната глобална ѕвезда“ – изјави славниот ментор кој е познат по неговите остри коментари.

Покрај Барлоу, во последната десетта сезона дел од жирито беше американската пејачка Никол Шерцингер, како и музичките менаџери Луи Волш и Шерон Озборн. Сè уште не е познато кој ќе му се придружи на Кауел за претстојната 11-та сезона, но според британските медиуми можно е повторно да се врати и британската пејачка Шерил Кол, која имаше улога на ментор и во британската и во американската верзија од натпреварот: „И покрај сите гласини, ITV и продуцентите сè уште не одлучиле кој ќе биде дел од жирито. Ќе треба да почекате и да видите…“ – додаде Кауел.

И покрај тоа што овој натпревар се одржува во многу земји ширум светот, сепак британската и оригинална верзија сè уште е на прво место во однос на квалитетот, но и квантитетот на музички имиња како што се Уан Дајрекшн, Леона Луис, Литл Микс, Оли Мрс, Шер Лојд, Џејмс Артур, како и актуелната победничка Сем Бејли. Уште една новост поврзана со X Factor e тоа што од неодамна е лансиран нов канал на ЈуТјуб, X Factor Global на кој ќе се најдат најдобрите и најинтересните снимки од натпреварите ширум светот, а интересно е тоа што во промотивното видео е вметнат и мал дел од аудицијата на Тамара Милановиќ, учесничка на регионалнaта верзија од натпреварот. Како изгледа сето тоа можете да видите во продолжение.

 



Врати се горе ↑