17 април, 2015

Сајмон Кауел проговори за заминувањето на Зејн Малик од „Уан дајрекшн“

„Бев подготвен да скокнам од карпа“, призна познатиот менаџер

Бројни музичари дадоа свое мислење за заминувањето на Зејн Малик од „Уан дајрекшн“, а сега конечно јавно проговори и нивниот шеф, познатиот музички менаџер и творец на „Х фактор“Сајмон Кауел. Тој деновиве гостуваше во емисијата „The Late Late Show“, која од неодамна ја води британскиот актер Џејмс Корден, каде што отворено призна дека кога ја слушнал веста, бил „подготвен да скокне од карпа“: „Се обидов да го разубедам да остане уште малку подолго, но тој длабоко во себе знаеше дека му е доста.“

55-годишниот менаџер се погрижил останатите момчиња од бендот што подобро да се снајдат во новонастанатата ситуација: „Се помирив со тоа и се погрижив момците да бидат во ред, бидејќи и тие беа во шок. Но, морав ја да почитувам неговата одлука. За момците беше интересно тоа што во тој период беа на сред турнеја“, додаде тој.

Останатите 4 членови на групата неодамна објавија промотивни фотографии без нивниот поранешен колега, а својот петти студиски албум планираат да го објават до крајот на годинава.

„Освежување“ на британскиот „Х фактор“ со Снуп Дог?!

Кауел, кој во моментов има улога на судија во шоуто „Британија има талент“, деновиве потврди дека ќе биде дел од жирито и во следната сезона на британскиот „Х фактор“, чии аудиции се веќе во тек ширум цело Обединето кралство. Популарниот натпревар, кој лансираше интернационални ѕвезди како што се Леона Луис, Оли Мрс и „Уан дајрекшн“, во текот на изминатите 11 сезони претрпуваше мали промени во правилата, водителите и членовите на жирито, се чини дека годинава промените ќе бидат мошне големи.

Имено, ирскиот менаџер Луи Волш, кој беше дел од жирито во сите 11 сезони, неодамна изјави дека завршил со „Х фактор“, па се шушка дека на негово место ќе дојде Луис Томлинсон од „Уан дајрекшн“. Неизвесно е и враќањето на Мел Би и Шерил Фернандез-Версини, а најинтересната гласина е дека на едно од четирите столчиња ќе седне познатиот американски рапер Снуп Дог.

Покрај „освежувањето“ на составот на жирито, во следната сезона улогата на водител ќе му припадне на поранешниот натпреварувач, британската ѕвезда Оли Мрс, кој пред неколку години беше водител на емисијата „Екстра фактор“. Мрс ќе го наследи долгогодишниот водител и заштитен знак на шоуто, Дермот О’Лири, кој заминува од натпреварот после цели 8 години.

Британската и оригинална верзија на „Х фактор“ го привлекува вниманието и на милиони гледачи ширум целиот свет, кои се надеваат дека ќе бидат сведоци на раѓањето на следната светска ѕвезда. Следната, 12. по ред сезона ќе започне да се емитува на есен, а допрва се очекува и нов материјал од минатогодишниот победник, Бен Хејнау, како и второпласираната Флер Ист, која исто така потпиша договор со издавачката куќа на Кауел, „СајКо“ (SyCo).

За крај уживајте со прекрасната аудиција на Калум Скот, талентираното момче кое минатата недела воодушеви во „Британија има талент“, а со тоа што Сајмон го притисна златното копче, кое може да се искористи само еднаш во текот на аудициите, Скот си обезбеди место директно во полу-финалето.

И.Ј.



Врати се горе ↑