Балкан

6 ноември, 2016

„С.А.Р.С.“ се најдобрите изведувачи на Балканот

Вчера на полноќ заврши гласањето во сите категории за претстојното доделување на европските музички награди на Ем-ти-ви, вклучувајќи ја и категоријата најдобар изведувач на Балканот, во која беше номиниран и нашиот Тони Зен. За жал, познатиот хип-хоп артист не успеа да се избори со конкуренцијата, па наградата отиде во рацете на „С.А.Р.С.“.

Популарната српска група ја добива оваа награда во годината кога одбележува една деценија работа, распродадена регионална турнеја, кој беше крунисана со два неодамна одржани концерти во Домот на спортовите во Загреб, и објавувањето на својот шести студиски албум насловен „Последниот албум“.

Покрај „С.А.Р.С.“ и Тони, во конкуренција за оваа награда на Ем-ти-ви беа уште и „Елементал“, Луце и „Сидарта“, а победниците им се придружуваат на регионалните великани што се закитиле со оваа статутетка, меѓу кои се: „Дубиоза колектив“, „Ван Гог“, Александра Ковач, „Сидарта“, Френки, „Ху си“, Лака, „Лолобриџида“, Грамофонџие и Даниел Кајмакоски. Ова е 12. пат Ем-ти-ви да доделува регионална европска награда, во рамките на вечерашното доделување што ќе се одржи во Ротердам.

Преносот во живо од црвениот килим започнува во 20.00 часот, додека главниот настан е закажан за 21 часот. Водителка на доделувањето е поп пејачката Биби Рекса, која воедно ќе го има и својот прв настап на европските музички награди. Покрај неа ќе настапат и „Грин деј“, „Кингс оф лион“, Бруно Марс, „Уан репаблик“, Викенд, Мартин Гарикс, Шон Мендес, „Ди-ен-си-и“, „Лукас Греам“, Зара Ларсон и Афроџек.

 



Врати се горе ↑