Настани 4f07d475-9c04-4572-a378-856857d0b0da

4 февруари, 2015

„Рудиментал“, „Сигма“ и Вилкинсон се приклучуваат на „Егзит“ авантурата

Еден од најпопуларните состави на денешницата „Рудиментал“ (Rudimental) и во моментов суперактуелното англиско дуо „Сигма“ (Sigma), заедно со сè попопуларниот лондонски диџеј Марк Вилкинсон (Mark Wilkinson), се првите потврдени изведувачи на главната бина на овогодинешниот „Си Денс“ (Sea Dance) фестивал на Јаз во Будва. Најдобриот европски фестивал до 40.000 посетители дневно, сместен покрај Будва, на една од најубавите плажи на Јадранот, оваа година ќе се одржи од 16 до 18 јули како морски дел од „Егзит“ авантурата. Првите три, од многуте други, подеднакво актуелни имиња, кои оваа година ќе го одбележат „Си Денс“ фестивал, се само дел од иновацијата која на Јаз ги очекува бројните посетители од разни делови на светот.

Минатогодишните хедлајнери на „Егзит“ фестивал „Рудиментал“ (Rudimental), по изразито успешниот настап на Петроварадинската тврдина, на 16 јули доаѓаат на „Си Денс“ со новиот диџеј настап, со кој ова лето ќе ги обиколат најголемите светски фестивали како што се „Лолапалоза“ (Lollapaloza) или „Бонару“ (Bonaroo)! Во претходните две години овој ултимативен хит квартет, како тајфун ја освои светската сцена и „Рудиментал“ денес со право важат за еден од најбараните музички колективи, привлекувајќи ги околу себе соработниците како што се Џеј Зи (Jay Z), Емели Санде (Emeli Sande), Џон Њумен (John Newman) или Ед Ширан (Ed Sheeran) со кои неодамна беа и на американска турнеја. Сопственици се на престижната „Брит“ награда, како и првото место на островската топ листа, со албумот „Home“ кој оствари мулти-платинести тиражи во неколку земји од светот, со апсолутните радиски хитови како „Not Giving In“, „Free“ или „Feel The Love“. Стотина милиони прегледувања на „Јутјуб“ бележи и незаборавната „Waiting All Night“, која од страна на публиката на „Егзит“ фестивал беше убедливо изгласана за химна на летото.

Уште една високотиражна атракција која на 16 јули од Англија стигнува на Јаз е хит дуото „Сигма“ (Sigma), кое минатата година освои две први места на британската листа на синглови со колосалните хитови  „Rudeboy“, „Changing“ и „Nobody To Love“ чиј спот, се чини како да е снимен токму за летната „Егзит“ Авантура. Споменатите видео и сингл им донесоа дури две номинации за овогодинешните „Брит“ награди, што е најдобра потврда за актуелноста на нивниот звук, покрај листата соработници со имиња како Канје Вест (Kanye West), Палома Фејт (Paloma Faith), Ерик Придз (Eric Prydz), Ели Гоулдинг (Elie Goulding), Кајза (Kiesza) и други. Во моментов на скалилата на топ листите се искачува нивниот сингл „Higher“ на кој гостува популарниот англиски пејач Лабринт (Labrinth), како најава на новиот албум на „Сигма“ насловен „Life“.

 

Плејадата најголеми хитови од изминатите неколку години, не би била комплетна ако на неа не се најде и чистокрвната химна „Afterglow“ и нејзиниот „виновник“ Марк Вилкинсон (Mark Wilkinson)чиј сет нè очекува на  18 јули! Лондонскиот диџеј и продуцент доминираше на британските листи со денс сингловите од албумот „Lazers Not Included“, а ремиксите ги потпиша за имиња како што се „Горгон Сити“ (Gorgon City), „Чејс & Статус“ (Chase & Status) и „Егземпл“ (Example), покрај неизбежната клубска верзија на песната „Sing“ на Ед Ширан (Ed Sheeran).

 

Влезниците за фестивалот „Си Денс“ се продаваат по цена од 2.240 денари, а за „Егзит“ по 3.599 денари. Единствената влезница за повеќе од десет дена на „Егзит“ авантурата од Петроварадин до Јаз, можат да се набават за само 4.299 денари преку продажната мрежа на МКтикетс или во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат). За сите кои сакаат покрај влезниците на време да го осигураат и сместувањето на двата фестивала, пакетите можат да ги најдат на сајтот www.exittrip.org, официјалната туристичка агенција на „Егзит“.



Врати се горе ↑