За Вас

2 јуни, 2019

Рокенрол-клетви што сè уште ги прогонуваат обожавателите

Легенди за клетвите кружат околу рокенрол-индустријата уште од почетокот на минатиот век. Некои се засновани на факти, додека други се сосема измислени. Недостатокот на научни докази зад приказните дека некој научил да свири гитара од Ѓаволот не успеал да спречи многумина да веруваат во овие клетви. Фаустовски договори или стихови потпишани од Чарлс Менсон, што сè се раскажувало за некои од најславните рок-имиња во музичката историја, прочитајте во продолжение.

Фаустовскиот договор на „Лед цепелин“

Набрзо по формирањето на бендот во 1968 година, започнала да кружи гласина дека тројца од четирите основачки членови на бендот – Роберт Плант, Џими Пејџ и Џон Бонам – склучиле фаустовски договор со Ѓаволот за да им донесе слава. Бендот секако се прослави и стана успешен, а тројцата членови подоцна настрадале од наводната клетва.

Имено, Плант доживеал сериозна сообраќајна несреќа, заради што извесно време бил неподвижен, а подоцна неговиот син Карак починал од неидентификуван стомачен вирус. Бонам починал од зависност во 1980 година, со што и го означи крајот на „Лед цепелин“, додека Пејџ неколку децении се борел со зависноста од дроги. Само Џон Пол Џонс, единствениот член кој наводно не учествувал во ритуалот, преживеал без никакви проблеми.

Клетвата на „Клубот 27“

Можеби најпознатата клетва е токму онаа на „Клубот 27“, чии „членови“ се бројни музички икони како Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Курт Кобејн и Ејми Вајнхаус, а како што кажува и самото име, заедничко им е тоа што сите починале на возраст од 27 години.

Во 2011 година, Британскиот медицински весник го објави истражувањето во кое заклучи дека Клубот 27“ е само мит, но тоа и потанаму не спречува одреден дел од публиката да верува во оваа клетва.

Twitter/@Tweetofryan

Роберт Џонсон и ѓаволскиот пакт на раскрсница

Роберт Џонсон беше блуз-гитарист чии техники инспирираа бројни рок-бендови, меѓу кои и „Ролинг стоунс“. Според легендата, Џонсон на полноќ ја однел неговата гитара на раскрсница во Мисисипи. Се појавил Ѓаволот, ја наштимал гитарата, отсвирил неколку песни и му ја вратил на Џонсон. Оваа средба наводно резултирала со генијалните способности на музичарот.

Клетвата зела замав по неговата смрт, за која интересно е и тоа што се случила кога Џонсон имал само 27 години, а причината за смртта никогаш не била откриена. Слична судбина ги снашла и рок-бендовите што ја преработија неговата славна песна „Crossroad Blues“. „Крим“ снимил верзија на оваа песна кратко пред распадот на групата. Нивниот гитарист, Ерик Клептон, се борел со зависност од дрога и алкохол, а подоцна го загубил и синот.

Легендата за Џонсон инспирираше и режисери и сценаристи, а разработена беше и во епизода од популарната американска серија „Натприродно“ (Supernatural).

 

„Линард скинард“ настрада од клетвата на раскрница

Еден од бендовите што ја преработи „Crossroad“ во 1976 година беше „Линард скинард“, кој исто така се чини дека настрадал од оваа клетва. Имено, бендот се соочил со трагедија уште од самиот почеток. Оригиналниот тапанар, Роберт Брнс помладиот, починал во сообраќајна несреќа, а слична судбина за малку ќе доживееле и основачките членови Ален Колинс и Гери Росингтон.

Најлошо од сè е тоа што во екот на славата во 1977, авионот на бендот се срушил во Мисисипи. Рони Ван Зант, Стив и Кеси Гејнс, како и менаџерот на бендот, Дин Килпатрик, загинале на местото на настанот. Остатокот од бендот се мачел со емоционални трауми и зависности до крајот на животот.

Вејлон Џенингс фрлил клетва на Бади Холи

Бади Холи беше пејач и автор кој се смета за еден од основачите на рокенролот во педесеттите години на минатиот век. Вејлон Џенингс му беше басист. На 3 февруари 1959 година, Холи и други рок-ѕвезди се качиле на авион за да одат на следниот концерт. Бидејќи имало малку седишта, Џенингс одлучил да патува со автобус.

Да ти замрзне автобусот“, се пошегувал Холи, на што Џенингс одговорил: „Да ти се урне авионот“!

Авионот навистина се урна. Бади Холи и неговите колеги починаа, а овој ден стана познат како „Денот кога умре музиката“. Гласината за клетвата на Џенингс дополнително му ја зголемила вината што ја носел до крајот на животот.

James Kriegsmann/Michael Ochs Archive/Getty Images

Клетвата на Бади Холи се прошири

Уште една причина што обожавателите веруваат дека Бади Холи беше проколнат е бидејќи по уривањето на авионот, сите што имале каква и да е врска со Холи, се соочиле со горка судбина. Сопругата на Холи, Марија Елена Сантијаго, била бремена кога починал, а набрзо потоа доживеала спонтан абортус.

Рони Смит, член на претходниот бенд на Холи, се обесил неколку години подоцна. Неговиот близок пријател и колега Еди Кокрејн починал во сообраќајна несреќа на 21-годишна возраст. Лоши нешта им се случиле дури и на луѓе што биле вклучени во продукцијата на филмот „Приказната за Бади Холи“. Сценаристот Роберт Гитлер извршил самоубиство, а актерот Гери Бјуси доживеал тешка сообраќајна несреќа. Кит Мун, тапанарот на „Ху“, починал од предозирање откако го гледал филмот на 7 септември 1978. На овој ден е и роденденот на Холи.

Hulton Archive/Getty Images

Еди и „Хот родс“ разлутиле окултист

Во 1977 година, Еди и „Хот родс“ го објавиле нивниот сингл „Do Anything You Wanna Do“ (Прави сè што сакаш). Песната била инспирирана од „законот за Телема“ на окултистот Алистер Краули, чија фотографија се најде и на самата обвивка за синглот, но во комична верзија, со ушите на Мики Маус.

Не, не беше Краули тој што се разлутил (тој почина во 1947), туку еден од неговите верни следбеници, Џими Пејџ. Гласината е дека Пејџ фрлил клетва на бендот, после што музичарите го изгубиле договорот со издавачката куќа и никогаш повеќе не стигнале до најдобрите 10 на топ-листите.

 

„Бич бојс“ примиле црна магија од Чарлс Менсон

Откако „Бич бојс“ го објавиле синглот „Never Learn Not to Love“ (Никогаш немој да научиш да не љубиш), се проширила гласина дека автор на таа песна е озлогласениот лидер на култ Чарлс Менсон. За разлика од повеќето урбани легенди, оваа е сосема вистинита и точна. Имено, Менсон му ги дал стиховите на тапанарот Денис Вилсон, кој го променил насловот и си ја присвоил. Бидејќи Менсон го практикувал оклутното, некои луѓе веруваат дека со песната им пренел и клетва.

„Бич бојс“ претрпиле сурови казни од нивниот татко Мареј Вилсон. Брајан Вилсон верувал дека е надгледуван и дека неговите песни имаат влијание врз светот. Подоцна му била дијагностицирана шизофренија. Денис завршил како бездомник и зависник, и на крајот се удавил во пристаништето Дел Реј додека пијан се обидувал да извади предмети кои претходно ги имал фрлено во водата.

Проколнатиот стан на Хари Нилсон

Кога пејачот Хари Нилсон сфатил колку смртни случаи имало во неговиот стан во Мејфер во Лондон, веднаш се отселил. Имено, во 1974, Мама Кас од групата „Мамас и папас“ починала во сон од срцев удар, а четири години подоцна, тапанарот на „Ху“, Кит Мун, исто така починал таму на иста возраст. И двајцата имале по 32 години.

На двата музичари станот им го изнајмил токму Хари, кој подоцна го продал, а евентуално го купил вокалистот на „Ху“, Пит Тауншенд, за да ја спречи можноста да стане стапица за туристи.

Stan Meagher/Daily Express/Hulton Archive/Getty Images

Клетвата на гитаристите на „Флитвуд мек“

Уште од оформувањето на „Флитвуд мек“ во доцните шеесетти години, нивните гитаристи ја претерувале на каков и да е начин. Првиот гитарист Питер Грин почнал интензивно да користи дрога и на менаџерот му рекол дека е Исус. Тој станал толку опседнат со бесмртноста и го напуштил бендот, а подоцна му била дијагностицирана шизофренија.

Гитаристот Џереми Спенсер заминал од турнејата за да купи весник и никогаш не се вратил. Неколку дена подоцна, бендот открил дека тој се придружил во култот „Децата на Бога“. Боб Велч бил гитарист во „Флитвуд мек“ пред Линдзи Бакингем. Тој се застрелал во 2012 година. Најозлогласена била случката со Дени Кирван, кој полудел на сцена и почнал да си ја удира главата в ѕид. По неколку мачни години, починал во сон во 2018.

George Wilkes/Hulton Archive/Getty Images

Клетвата на Кобејн

По смртта на Курт Кобејн во 1994 година, обожавателите на „Нирвана“ се прашувале што го натерало да си го одземе животот. Неговата вдовица, Корни Лав, открила дека самоубиствените нагони се чести во неговото семејство, нарекувајќи го ова генетско нарушување „клетвата на Кобејн“.

Единственото потврдено самоубиство во семејството Кобејн се случило во 1979, кога неговиот чичко Барл двапати се обидел да се самоубие со пиштол, а и понатаму се шират гласини дека повеќе членови на семејството страдаат од ова ментално нарушување. Покрај теоријата за клетвата, повеќе истражувања покажале дека генетиката до одреден степен влијае врз самоубиствените нагони.

Michel Linssen/Redferns/Getty Images

„Џудас прист“ пренесува сатански пораки

Во осумдесеттите и деведесеттите низ САД владеела „сатанската паника“, а најлошо поминал бендот „Џудас прист“, кој бил обвинет од една мајка дека нејзините два сина се обиделе да се самоубијат (едниот преживеал) откако ја слушале нејзината музика. Таа тврдела дека бендот ги вметнал стиховите „направи го“ (do it) во песната „Better by You, Better Than Me“, што ги натерало момчињата да се самоповредат.

Наводната клетва на песната ја изгубила веродостојноста кога судијата открил дека бендот признал дека вметнал заднински пораки во снимката. И покрај тоа што случајот бил отфрлен од судот, идејата дека рок-музиката промовира сатански пораки и потанаму живее.

Сите клавијатуристи на „Грејтфул дед“ имаат несреќен крај

Обожавателите на „Грејтфул дед“ сигурно знаат дека првите четири клавијатуристи на бендот починаа пред да наполнат 38 години. Првиот од нив,  Рон „Пигпен“ МекКернан починал во 1971 од гастроинтестинално крварење (и му се придружил на „Клубот 27“). Следната година на бендот му се придружил Кит Годшо, кој 1979 загинал во сообраќајна несреќа откако го напуштил бендот. Третиот клавијатурист, Брент Мидланд, починал од предозирање во 1990, а четвртиот, Винс Велник, наводно се самоубил во 2006. Неговиот последен албум, објавен постхумно, бил насловен „I’m Scared“ (Уплашен сум). 

Деведесеттите беа проколната деценија за рокот

Деведесеттите години од минатиот век беа одбележани со едни од најголемите трагедии во рок-историјата, вклучувајќи ја и смртта на Курт Кобејн и исчезнувањето на Ричи Едвардс. Со сите несреќни случувања, луѓето почнале да веруваат дека некои паранормални сили влијаат врз рокерите и алтернативните музичари во оваа декада.

Меѓу музичарите кои ненадејно починаа во овој период се Ендру Вуд од „Мадр лав боун“, Шенон Хун од „Блајнд мелон“, Бредли Ноуел од „Сублајм“ и Џонатон Мелвојн од „Смешинг памкинс“. Сите починаа ненадејно од предозирање, на врвот од кариерите на нивните бендови.

„Бедфингер“ ќе успееше ако не беше клетвата

Членовите на „Бедфингер“ беа згодни, талентирани и имаа врски со „Битлси“. Луѓето ги нарекуваа „новата фамозна четворка“ и очекуваа да станат ѕвезди. Но, сè што можеше да тргне наопаку, тргна наопаку двојно повеќе и бендот и денес се памети по трагедијата што ја доживеа.

Имено, групата се мачела да најде соодветен менаџмент, па таа улога ја презела сопругата на Питер Хем и подоцна се нашле заплеткани во правни проблеми од кои никако не можеле да излезат. Во 1975, Хем си го одзел животот. Другиот гитарист, Том Еванс, го направи истото осум години подоцна.

 

„Еј-Си-Ди-Си“ се заплеткале со ѓаволски сили

Како што се зголемувала популарноста на клетвата на „Лед цепелин“, обожавателите на „Еј-Си-Ди-Си“ се загрижиле дека слична приказна им се случува и нив, особено откако Бон Скот починал во 1980. Клетвата се притаила до 2014, кога нештата почнале да стануваат чудни.

Таа година, гитаристот Малколм Јанг почнал да ги чувствува симптомите на деменција и го напуштил бендот за да живее во старечки дом. Истата година, тапанарот Фил Рад бил уапсен за обид за убиство бидејќи се обидел да изнајми платен убиец. Обвиненијата беа отфрлени, но сега, единствениот оригинален член на бендот е Ангус Јанг.

 

Мотоциклистичката клетва на „Алман брадрс бенд“

Уште при самото формирање на „Алман брадрс бенд“, се чинело дека јужњачката рок-група тргнала кон трагедија. Две години откако бендот почнал да снима, основачот и гитаристот Дуејн Алман починал во сообраќајна несреќа со мотоцикл во Мејкон, Џорџија. Додека обожавателите жалеле, никој не се сомневал во клетва сè до моментот кога басистот Бери Оукли загинал во иста сообраќајна несреќа, и тоа во непосредна близина на местото каде што загинал Алман.

Токму затоа луѓето почнале да веруваат дека клетвата е фрлена на целиот бенд. Братот на Дуејн, Грег Алман се борел со хепатитис Ц, злоупотреба на дрога и рак на црниот дроб. Во 2017, тапанарот Буч Тракс си го одзел животот пред очите на сопругата.

 

 

„Dead Man’s Curve“ стана „Dead Man’s Curse“

Кога рок-дуото Џен и Дин ја снимија „Dead Man’s Curve“ во 1964, обожавателите си измислисле чудни интерпретации на песната. Стиховите опишуваат тинејџер кој се трка со друг возач во неговата „корвета“, но некои слушатели верувале дека пејачите барале од универзумот да ги направи бесмртни.

Гласините особено се прошириле во 1966, кога Џен се судрил со неговата „корвета“ во паркиран камион. Некои верзии на приказната велат дека судирот се случил на „Мртовечката кривина“ (Dead Man’s Curve), но несреќата била во соседната улица. Иако Џен едвај преживеал, обожавателите сè уште веруваат дека сето тоа се случило заради клетвата.

 

Мистериозното исчезнување на Ричи Едвардс

Ричард Едвардс беше велшки рок и алтернативен гитарист во бендот „Меник стрит причрс“. Во 1995, на денот кога бендот го имаше закажано својот лет за турнејата во САД, тој го зел паричникот, клучевите од автомобилот, лекот против депресија „прозак“ и исчезнал. Тој и денес е на списокот со исчезнати личности.

Со чудното исчезнување, обожавателите веднаш почнале да шпекулираат дека се случило нешто натприродно, особено бидејќи неговата последна снимка имала наслов „The Holy Bible“ (Света библија). Многумина и до денес тврдат дека го виделе некаде, заради што некои веруваат дека неговиот дух лута по земјата, или пак дека самиот си го изрежирал исчезнувањето.

И.Ј. / Извор: Idolator

 



Врати се горе ↑