Аудио

13 декември, 2018

Робин Тик се враќа со „Testify“

Канадско-американскиот пејач Робин Тик не постигна некој позабележителен успех по 2013, годината кога најпродаваниот сингл беше неговата соработка со Фарел и Ти Ај – „Blurred Lines, која подоцна доби и пресуда дека е плагијат. Лошите вести продолжија и со новиот албум „Paula“, кој беше прогласен за најголем комерцијален неуспех во 2014, но се чини дека со претстојното, осмо по ред студиско издание ќе успее да се оправда.

Имено, 41-годишниот музичар деновиве го објави воведот во новиот материјал, а темата насловена „Testify“ уште при првото слушање ветува подобро и поуспешно поглавје од неговата кариера. „Кога почнав да го снимам овој албум, сакав да ја отпеам сета моја вистина“, открил тој, додавајќи дека сакал да го преточи во музика сето она што му се случувало изминативе години, вклучувајќи ја и загубата на татко си, познатиот канадски актер и пејач Алан Тик, кој ненадејно почина пред две години.

Сè уште не е познато кога ќе стигне новиот албум, па додека очекуваме повеќе детали, уживајте со повратничкиот сингл „Testify“!

 



Врати се горе ↑